Ömer Tuğrul Çam
30 Август 2023•Ажурирај: 31 Август 2023
БРИСЕЛ (АА) - Коалициските партнери и организациите за човекови права реагираа на одлуката на Владата на Белгија да прекине со сместување на мигрантите или бегалците без деца поради давање приоритет на семејствата со деца, јавува Анадолу.
Белгиската министерка за миграции и азил, Никол де Мур, рече дека во прифатните центри прекинале со сместувањето самци што бараат азил.
Де Мур како причина за тоа го наведе очекуваното зголемување на бројот на семејства со деца што доаѓаат во прифатните центри во текот на зимата. Наведувајќи дека приоритет ќе им дадат на семејствата со деца, Де Мур рече дека сакаат да спречат децата да останат на улица.
Белгиската министерка изјави дека оваа година се регистрирани 19.000 баратели на азил.
Истакна дека земјите како Португалија или Шведска прифаќаат многу помалку барања за азил во споредба со Белгија.
Левичарските коалициски партнери во Владата на Белгија и невладините организации што се занимаваат со правата на бегалците и мигрантите реагираа на оваа одлука.
Министерот за економија и труд од Социјалистичката партија, Пјер-Ив Дермањ, рече дека при донесувањето на одлуката не биле консултирани коалициските партнери и дека одлуката е спротивна на меѓународните договори и закони.
Алан Марон, еден од министрите на бриселската регионална Влада, исто така, изјави дека многу повеќе луѓе ќе останат на улиците на главниот град Брисел по одлуката на државната Влада.
Во текот на последните зимски месеци во Белгија стотици бегалци со недели живееја на улиците на студ и дожд бидејќи засолништата и прифатните центри беа полни.