Hakan Çopur
13 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави дека мигрантската криза на белоруско-полската граница е извор на голема загриженост и дека тоа го пренеле на Русија и Белорусија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред заминувањето во Камп Дејвид, Бајден одговори на новинарско прашање за кризата на белоруско-полската граница.
Напоменувајќи дека овој случај е извор на голема загриженост, Бајден рече: „Ја пренесовме нашата загриженост на Русија и Белорусија. Мислиме дека ситуацијата претставува проблем.“
Американската потпретседателка, Камала Харис, во текот на посетата на Франција, порача дека внимателно и со загриженост ја следат кризата.
Илјадници нерегуларни мигранти се соочуваат со очајни услови додека и понатаму чекаат на полско-белоруската граница, надевајќи се дека ќе преминат на копното на Европската Унија (ЕУ).
Мигрантите, многумина од Ирак, добиваат помош во вид на храна и вода. Речиси 2.000 мигранти, меѓу кои има многу жени и деца, престојуваат во шаторите што се поставени пред граничните огради во шумското подрачје.
Најновите случувања доаѓаат среде тензиите на границата, по повеќемесечното движење на мигрантите кон границите на Белорусија со Полска, Литванија и во мала мерка Латвија. Трите земји на Европската Унија (ЕУ) се наоѓаат на источната граница на 27-члениот Блок.
ЕУ ја обвинува белоруската администрација дека ја „користи нерегуларната миграција како средство“ и „се обидува да ја дестабилизира ЕУ“ со праќање мигранти на границите од земјите членки на Унијата.