Tuğba Altun
06 Февруари 2023•Ажурирај: 07 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека во координација со Туркије, ги следи случувањата во врска со разорните земјотреси што ја потресоа Туркије и дека издал наредба за давање на секаков вид поддршка, јавува Анадолу.
Бајден на својот твитер-профил изрази жалење поради земјотресите што ги потресоа Туркије и Сирија.
„Длабоко сум погоден од човечките жртви и разорувања предизвикани од земјотресите во Туркије и Сирија. Му наложив на својот тим да продолжи внимателно да ја следи ситуацијата и да ја даде сета потребна поддршка, во соработка со Туркије“, објави Бајден во својата порака.
- Разорни земјотреси во Туркије -
Во разорниот земјотрес што утрово ја потресе Туркије, според Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), досега животот го загубија 1.498 лица, при што повредени се 7.634 граѓани, а урнати се 2.834 згради.
АФАД дополнително го ревидираше интензитетот на земјотресот што се случи во утринските часови од 7,4 на 7,7 степени по Рихтер.
Епицентарот на земјотресот во утринските часови беше во округот Пазарџик, во турската област Кахраманмараш, а по него се регистрирани 50 последователни потреси, од кои најсилниот со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала.
Од земјотресот сериозно се погодени и Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатија, Османије, Хатај и Килис.