Bayram Altuğ
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Високата комесарка на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Мишел Бачелет, истакна дека хуманитарната состојба во северозападна Сирија, каде што режимот на Башар ал Асад и неговите приврзаници продолжуваат со нападите, е застрашувачка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку писмена изјава Бачелет истакнува дека според податоците на ОН, од 1 декември 2019 година раселени се вкупно 900.000 цивили, од кои 80 проценти се жени и деца.
Подвлекувајќи дека оваа бројка е најголемиот бран на миграција од почетокот на граѓанската војна во Сирија, Бачелет ја даде својата најостра реакција досега кон режимот на Асад и неговите поддржувачи.
„Кабинетот за човекови права на ОН регистрираше дека најмалку 100 цивили, од кои 18 жени и 35 деца, ги загубиле своите животи во нападите од воздух и копно на режимот и приврзаниците од 1 до 16 февруари“, истакнува Бачелет за нападите на режимот и приврзаниците врз Идлиб и Алепо.
Наведувајќи дека 298 цивили ги загубиле животите во Идлиб и Алепо од 1 јануари, таа нагласува дека 93 проценти од смртните случаи ги предизвикале сириската Влада и нејзините приврзаници.
Таа, исто така истакна дека директно биле нападнати 10 здравствени установи и 19 образовни центри.
Нагласувајќи дека бомбардирањето на жени и деца кои се борат да преживеат на студеното време е нечовечно, Бачелет хуманитарната криза во регионот ја оцени како застрашувачка.
Таа потсети дека старите лица, болните и децата, кои се меѓу најранливите категории, продолжуваат да се раселуваат. „Како што продолжуваат нападите на Владата [режимот], ниту едно засолниште не е безбедно. Се плашам од тоа дека ќе бидат убиени повеќе луѓе.“
Високата комесарка на ОН, повикувајќи ги страните во Сирија на итен прекин на огнот, уште еднаш апелираше дека цивилите треба да бидат заштитени.