Muhammet Kurşun
08 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот верски поглавар, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Иран во своја корист може да ги преобрази негативните трендови предизвикани од санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) и да ја надмине зависноста на националната економија од нафтата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ајатолахот Хамнеи во палатата во Техеран ги прими челниците на иранските воздухопловни сили на кои им порача дека не треба да покажуваат слабост, бидејќи со тоа ќе ги охрабрат непријателите за напад врз Иран.
Истакнувајќи дека иранските вооружени сили мора додатно да ги зајакнат своите капацитети со цел да ги елиминираат непријателските закани, Хамнеи истакна дека американските санкции може да се претворат во добра можност, доколку иранските претставници се однесуваат разумно.
„Можеме да ги искористиме американските санкции за надминување на зависноста на иранската економија од нафтата. Оваа наша зависност од нафтата е причина за голем број проблеми“, рече Хамнеи.
Тој истакна дека и бројни американски претставници ја повикуваат администрацијата на Доналд Трамп да ги редуцира санкциите кон Иран за да ја задржат земјата и понатаму зависна од нафтата.
Хамнеи, исто така истакна дека претходните американски администрации воделе скриена политика против Иран, но дека сегашните челници на Вашингтон спроведуваат отворена политика.
„Иран не е закана за ниту една држава во светот, ние само работиме на елиминирање на заканите и зачувување на безбедноста на нашата земја“, порача Хамнеи.