Alı H. M. Abo Rezeg
29 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
КАИРО (АА) - Арапската лига денеска го критикуваше Мировниот план на Соединетите Американски Држави (САД) за Палестина, велејќи дека таканаречениот „Договор на векот“ ги прекршува палестинските права, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од седиштето на Арапската лига наведуваат дека мирот не може да се постигне еднострано, туку дека зависи и од волјата на Палестинците.
Истакнувајќи дека за сабота е најавена вонредна седница на Арапската лига на која ќе се дискутира за ситуацијата на Блискиот Исток и напорите за решавање на кризата, во соопштението се наведува дека треба да се земе предвид сериозен напор за да се реши овој спор и дека мирот не може да се постигне со игнорирање на реалноста за израелската окупација на палестинските територии од 1967 година.
„Главниот критериум во осудување на кој било план е степенот на неговата компатибилност со меѓународното право и принципите на праведност и правда“, се додава во соопштението на Арапската лига.
Панарапското тело соопшти дека палестинскиот став е клучен за да се дојде до обединет став на Арапите за Мировниот план за Блискиот Исток.
Палестинското движење Хамас ги демантираше условите на договорот, велејќи: „Овој договор не е вреден за хартијата на која е напишан, а Ерусалим (Кудс) ќе остане на Палестинците.“
Палестинскиот претседател Махмуд Абас исто така го отфрли планот, нарекувајќи го „заговор“.