Kasım İleri
12 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Според анкетите спроведени низ Соединетите Американски Држави (САД), 70 отсто од Американците не сакаат актуелниот претседател Џо Бајден да се кандидира по втор пат на претседателските избори во 2024 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Телевизијата „CNCBC“ и компанијата „All-America Economic Research“ спроведоа истражување за изборите во САД закажани за 2024 година.
Според анкетата, 70 отсто од американската јавност не сака Бајден повторно да се кандидира на изборите во 2024 година.
Најмалку 57 отсто од гласачите од Демократската партија рекоа дека демократскиот лидер Бајден не треба да се кандидира за втор мандат. Такво мислење делат и 86 отсто од републиканците и 66 отсто од гласачите кои се опишуваат себеси како независни.
Процентот на оние кои мислат дека Бајден добро ја извршува својата должност како претседател се намали од 46 отсто во октомври на 41 отсто во ноември, а процентот на оние кои рекоа дека не ја одобруваат политиката на Бајден се зголеми од 50 отсто на 54 отсто.
Само 14 отсто од испитаниците рекле дека економијата е многу добра, додека стапката на оние кои изразиле согласност за економската политика на Бајден остана на 38 отсто.
Истражувањето, во кое огромното мнозинство од испитаниците не сакаат Бајден да се кандидира, наведувајќи ја неговата возраст и здравје, покажа дека 61 отсто од испитаниците не го сакаат поранешниот претседател Доналд Трамп, кој минатиот месец ја објави својата кандидатура за избори во 2024 година.
Во анкетата, 37 отсто од републиканците, 61 отсто од независните и 88 отсто од демократите изјавиле дека не сакаат Трамп да се кандидира за свој втор мандат.