Atila Altuntaş
01 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Шведска целосно го поддржува договорот за пристапување кон НАТО постигнат со Туркије, изјави шведската премиерка Магдалена Андерсон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние стоиме 100 проценти зад договорот“, изјави Магдалена Андерсон за шведскиот весник СВД (SVD).
Шведска и Финска официјално аплицираа за приклучување кон Алијансата минатиот месец, одлука поттикната од руската војна во Украина.
Но Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за кандидатурите за членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.
По разговорите помеѓу претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган и лидерите на двете нордиски земји и НАТО во Мадрид, во вторникот беше потпишан трилатерален Меморандум за отворање на патот на Алијансата официјално да ги покани Финска и Шведска да се приклучат на нејзините редови.
Двете земји ветија дека ќе одговорат на загриженоста на Туркије за тероризмот и ќе го укинат ембаргото врз Анкара.
Исто така, се истакнува дека Финска и Шведска одблизу ќе работат со Туркије за прашања поврзани со размената на информации, екстрадицијата и главно, борбата против тероризмот.
Околу прашањето за екстрадиција, Андерсон рече дека Туркије и во минатото поднесувала барања за екстрадиција, на кои се работело.
„Понекогаш лицата беа депортирани, но најчесто не беа“, рече таа.
На прес-конференцијата во Мадрид вчера, Ердоган го поздрави Меморандумот како дипломатска победа за Туркије.
Тој рече дека Шведска ветила дека ќе екстрадира 73 терористи во Туркије, додавајќи дека Анкара внимателно ќе го следи спроведувањето на точките договорени во Меморандумот и дека ќе преземе чекори соодветно на тоа.