Mohammad Sıo
12 Август 2024•Ажурирај: 13 Август 2024
САНА (АА) – Американските и британските сили денес извршија заеднички воздушен напад во западната јеменска покраина Ал-Худејда, соопштија Хусите, пренесува Анадолу.
Заедничкиот воздушен напад бил насочен кон островот Камаран, објави телевизијата на Хусите, Ал Масирах, не давајќи дополнителни детали за евентуални жртви или причинета штета.
САД и Велика Британија не дадоа изјава во врска со воздушниот напад за кој објавија медиумите на Хусите.
Камаран е најголемиот јеменски остров во Црвеното Море, а административно е дел од Ал-Худејда, голема јеменска покраина со три важни пристаништа и долго крајбрежје.
Од почетокот на 2024 година, коалициските сили предводени од САД спроведуваат воздушни напади во Јемен, за кои тие велат дека имаат за цел локации на Хусите како одговор на нивните напади во Црвеното Море.
Во знак на солидарност со Појасот Газа, кој се соочува со разорни израелски напади, Хусите ги гаѓаат израелските товарни бродови во Црвеното Море или оние поврзани со Тел Авив со проектили и беспилотни летала.
Додека Вашингтон и Лондон му даваат воена и финансиска поддршка на Израел, иако израелските сили убија речиси 40.000 Палестинци, што ги ескалираше тензиите на Блискиот Исток, Хусите објавија дека сите американски и британски бродови сега се воени цели.