Dildar Baykan Atalay
15 Декември 2022•Ажурирај: 17 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Во Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) е презентирана Нацрт-резолуција за отстранување на Русија од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) поради војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нацрт-резолуцијата ја претставија претставникот од Тенеси, Стив Коен и претставникот од Јужна Каролина, Џо Вилсон.
„Во контекст на руската инвазија и неоправданата војна во Украина, присуството на Русија во Советот за безбедност на ОН ги крши целите и принципите на ОН“, се вели во заедничката изјава на демократот Коен и републиканецот Вилсон, кои се членови на Комисијата на Претставничкиот дом за безбедност и соработка во Европа.
Во Нацрт-резолуцијата поднесена до Претставничкиот дом на Конгресот се наведува дека Русија „доследно и намерно“ ги прекршила принципите на ОН.
Во Нацрт-резолуцијата, исто така, американскиот претседател Џо Бајден е повикан да ги преземе сите неопходни чекори за отстранување на Русија од Советот.