Nur Asena Ertürk
13 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
АНКАРА (АА) – Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, денес ја повтори потребата за зголемување на трошоците за НАТО до 5%, известува Анадолу.
На заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Брисел, Хегсет го повтори повикот на американскиот претседател Доналд Трамп и изјави:
„Претседателот рече дека 2 отсто не се доволни и ќе се залагаме потребната инвестиција од земјите на НАТО да биде до 5 отсто за да се осигураме дека можеме да одговориме на заканите во иднината“.
Во вчерашната изјава Хегсет повика на зголемување на трошоците за одбрана, нагласувајќи дека досегашната цел од 2 отсто од годишниот БДП е недоволна и дека Трамп бара 5 отсто.
Хегсет, исто така, ја истакна потребата за зајакнување на индустриската база за одбрана во Европа и САД.
Хегсет го пофали и разговорот што Трамп го имал доцна синоќа со претседателите на Украина и Русија, Владимир Зеленски и Владимир Путин, за можноста за завршување на војната во Украина.
„Постои еден човек во светот што е способен да ги обедини страните за да донесе мир, а тоа е претседателот Доналд Трамп“, изјави Хегсет.
Руте, пак, ги поддржа изјавите на Хегсет, велејќи: „Мора да ги зголемиме трошоците за одбрана бидејќи знаеме дека нема да можеме да се заштитиме за четири или пет години ако сега не го направиме тоа.“
Тој додаде дека сите сојузници се согласуваат дека мора да има мир во Украина, но тој мора да биде траен.
Зеленски вчера изјави дека имал „значаен разговор“ со Трамп и дека „разговарале за можностите за постигнување мир“.
Трамп, исто така, разговарал со Путин, кој го поддржал неговото гледиште дека дошло време тие да работат заедно.