Rabia İclal Turan
10 Јули 2025•Ажурирај: 11 Јули 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Американски федерален судија денес изјави дека ќе одобри привремена блокада на извршната уредба на претседателот Доналд Трамп која го ограничува правото на државјанство по раѓање, јавува Анадолу.
Окружниот судија на САД, Џозеф Лаплант, од Конкорд, Њу Хемпшир, изјави дека тужителите претставувани од Американската унија за граѓански слободи (ACLU) и други групи за човекови права на мигрантите би можеле да продолжат како група, што ќе му овозможи да го забрани спроведувањето на наредбата низ целата земја.
Тој истакна дека негирањето на правото на државјанство со раѓање би претставувало „непоправлива штета“, според „Ен-би-си њуз“. „Тоа е најголемата привилегија што постои во светот“.
Судијата, исто така, издаде прелиминарна забрана со која ја блокира таа политика, но ја одложи својата одлука на седум дена за да ѝ овозможи на Владата да се жали, се вели во веста.
Американската унија за граѓански слободи, која го водеше правниот предизвик, соопшти дека пресудата го штити „секое дете низ целата земја од оваа беззаконска, неуставна и сурова извршна уредба“.
Извршната уредба, издадена на првиот ден од враќањето на Трамп на функцијата во јануари, им наложува на федералните агенции да одбиваат државјанство за деца родени во САД, освен ако барем еден од родителите е државјанин на САД или со законско постојано жителство.
Уредбата треба да стапи на сила на 27 јули.