Ahmet Salih Alacacı
11 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Сенаторот од сојузната американска држава Кентаки, Ранд Пол, побара прекин на воената поддршка за Саудиска Арабија, сè додека саудискиот новинар кој исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул „не се врати жив“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинарот Џамал Кашоги е исчезнат од 2 октомври, кога го посетил саудискиот Конзулат во Истанбул, поради што постојат шпекулации дека е убиен од саудиските органи.
Во статија во списанието „The Atlantic“, сенаторот Пол истакнува дека има намера да претстави легислатива за намалување на финансирањето, обуката, советувањето и секоја друга координација со и во Кралството, сè додека не се потврди дека Кашоги е жив.
„Режимот мора да се смета за одговорен во врска со Џамал Кашоги“, рече тој.
Сенаторот Пол изрази длабоко разочарување во однос на неговите колеги сенатори поради тоа што не презеле порано мерки во врска со случајот.
Тој ја осудува поддршката на САД за Саудиска Арабија, и истакна дека голем број граѓани на Саудиска Арабија се приклучиле на терористичката организација ДЕАШ во Сирија.
Тој, исто така, ги критикуваше земјите на ОПЕК поради „несовесното делување“ во однос на конфликтот во Јемен.
Саудиските власти допрва треба да се произнесат за судбината на Кашоги, бидејќи неколку земји - особено Турција, САД и Велика Британија - вршат притисок за појаснување во однос на случајот за новинарот.
Според свршеницата на Кашоги, Хатиџе Џенгиз, Кашоги пристигнал во саудискиот Конзулат во Истанбул на 28 септември. Откако му било соопштено дека неговите документи ќе бидат готови за една недела, Кашоги отишол во Лондон и се вратил во Истанбул на 1 октомври.
Кашоги се јавил во Конзулатот од каде му било кажано „дека документите се готови“ и дека може да дојде во Конзулатот. Тој отишол со Џенгиз во дипломатското претставништво на 2 октомври, но исчезнал по влегувањето во него.
Полициски извори истакнаа дека истиот ден 15 Саудијци, меѓу кои и неколкумина официјални лица, пристигнале во Истанбул со два авиона и го посетиле Конзулатот додека Кашоги бил внатре.