Dildar Baykan Atalay
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Белата куќа соопшти дека се воведени нови санкции за повеќе од 400 лица од руската елита, членови на Думата и компании од областа на одбраната, вклучувајќи го и претседателот на најголемата руска банка „Сбербанк“, поради војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од Белата куќа се наведува дека американскиот претседател Џо Бајден денеска во Брисел се сретнал со своите сојузници за да дадат одговори на руската војна во Украина.
„Во тесна координација со Европската Унија и нашите партнери од групата Г7, САД денеска ставија повеќе од 400 поединци и компании на списокот за санкции. Меѓу нив се наоѓаат руската елита, Думата и нејзините повеќе од 300 члена и компании од одбраната“, се вели во соопштението.
Меѓу оние кои се вклучени во листата на санкции, се Долниот дом на Парламентот во Русија и 328 пратеници на Државната дума, Херман Греф, главниот извршен директор на „Сбербанк“, најголемата банка во земјата, кој бил и советник на рускиот претседател Владимир Путин од 1990-тите, Генади Тимченко од руската елита, неговите компании и членовите од семејството.
Во соопштението се истакнува дека овие санкции ќе продолжат сѐ додека Русија ја продолжува војната во Украина.
Покрај тоа, во санкциите се вклучени и 48 руски државни одбранбени компании, кои ја формираат основата на руската одбранбена индустрија и произведуваат руски хеликоптери и ракети.