АНКАРА (АА) - По повод 21. септември, светскиот ден на Алцхајмер, Светската здравствена организација (СЗО) објави нови податоци во врска со мозочните оштетувања што го отвораат патот до деменција, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на СЗО, на светско ниво, околу 47 милиони луѓе се заболени од деменција (оштетување на мозокот што води кон нарушување на менталните процеси).

Еден од најраспространетите видови мозочни оштетувања кои влијаат на менталните перформанси кај луѓето е болеста Алцхајмер, која се манифестира со намалување на дневните активности и когнитивните способности (моќ на спознавање). Тоа се невропсихијатриски симптоми коишто се придружени со промени во однесувањето, а самата состојба се дефинира како невродегенеративна болест.
Меѓу 60 и 70 отсто од лицата кај кои е дијагностицирана деменција се лица заболени од Алцхајмер. На светско ниво, тоа изнесува меѓу 28 и 32 милиони болни од Алцхајмер.
Оваа болест за првпат е дефинирана од страна на германскиот психијатар и патолог Алојз Алцхајмер, во 1906 година.
Болеста Алцхајмер кај лицата на возраст над 65 години е застапена меѓу 2 и 4 отсто, додека кај луѓето над 85 години таа е присутна над 20 отсто.
Деменцијата кај луѓето на возраст над 60 години изнесува меѓу 5 и 8 отсто.
Бројот на болните од деменција до 2030 година се очекува да изнесува околу 75 милиони, додека во 2050 година се претпоставува дека таа бројка би изнесувала 132 милиона. Големиот пораст се поврзува со забележаното зголемување на ваквите случаи во земјите со низок и среден БДП (бруто национален приход).
Како најзабележлив симптом на Алцхајмер се смета заборавањето на настаните што се случиле во блиското минато. Со напредувањето на болеста, кај лицето се зголемува загубата на моќта за спознавање и започнува да се случуваат дегенеративни процеси во функцијата на јазикот, на прецизните моторни дижења и во моќта на распознавање, кои се поврзани со фронталниот и темпоралниот лобус на мозокот (преден и страничен дел од мозокот).
Во светот, на секои 3 секунди е регистриран по еден случај на деменција, што претставува 9,9 милиони на годишно ниво. Според последните информации, материјалните трошоци за оваа болест на светско ниво достигна 818 милијарди долари.
Шеесет отсто од случаите на деменција се среќаваат во земјите со низок и со среден БНП.
Сакајќи да го привлече вниманието кон сериозноста на ситуацијата, СЗО соопштi: „Доколку деменцијата беше држава, тогаш таа ќе беше 18. економија во светот. Доколку таа беше компанија, тогаш, надминувајќи ги „Apple“ (742 милијарди долари) и „Google“ (368 милијарди долари), ќе беше најголема компанија на светот“.
- Симптоми на болеста -
Познато е дека кај 70 отсто од болните од Алцхајмер постојат генетски фактори, а кај болниот може да предизвика голем број нарушувања, како што се несоница, висок притисок, трауми во главата.
Симптомите на деменцијата и на болеста Алцхајмер воглавно се воочуваат 10-ина години по почетокот на заболувањето. По поставувањето на дијагнозата, обидите за лекување се неуспешни бидејќи веќе е предоцна.
Голем број случаи на деменција и на Алцхајмер се забележуваат кај лица над 65 години. Девет отсто од болните од деменција се лица под 65 години.
Според некои истражувачи, деменцијата е последица на стилот на живот во кој движењето не е застапено, потоа дебелината на лицата, неправилната исхрана, консумирањето цигари и алкохол, шеќер во крвта и висок крвен притисок. Кога постојат овие фактори, зголемена е веројатноста од појавата на деменција, особено кај постарите лица.
- Тврдења дека корените на Алцхајмер можат да бидат различни -
Во меѓувреме, италијанските научници тврдат дека причината за појавата на Алцхајмер не лежи во центарот за меморија со којшто раководи мозокот, туку го поврзуваат со изумирањето на неврони во подрачјето што е поврзано со нарушување на расположението.
Институтот за истражување и здравствена заштита (ИРЦЦС) Санта Лучија и Националниот совет за истражувања во Рим (ЦНР) спроведоа заедничко истражување, кое покажа дека болеста не зависи од дегенерацијата на клетките во регионот на хипокампусот, кој игра важна улога во меморирањето и ориентацијата од страна на мозокот, како што тоа претходно се претпоставуваше.
Италијанските научници истражувањето го насочија кон нарушувањето на духовната состојба на мозокот и вентралната тегментална област (ВТА) која го произведува невротрансмитерот допамин. Тие истакнуваат дека умирањето на невроните што произведуваат допамин се причина поради којашто до хипокампусот веќе не пристигнува невротрансмитерската хемија и доаѓа до загуба на меморијата.
Засега не постои ефикасна дијагноза и лекарски третман за деменцијата и за Алцхајмер. Голем дел од истражувањата кои се спроведуваат со цел да се најде решение за спречување на болеста или за нејзино лекување, завршуваат неуспешно.