Faruk Zorlu
18 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
АНКАРА
Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, денеска изјави дека Турција не добила соодветна поддршка од своите сојузници на НАТО против заканите за нејзината меѓународна безбедност, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Очекуваме ист вид посветеност кон националната безбедност на Турција од нашите сојузници, на чијашто национална безбедност сме цврсто посветени“, рече Алтун, обраќајќи се на панелот насловен „НАТО 2030: Обединети за нова ера на 69-годишнината од членството на Турција во НАТО“.
Исто така, повикувајќи ги сојузниците на НАТО да застанат со Турција против терористичките акти и да преземат неопходни чекори за неутрализирање на заканите со кои се соочува Турција, Алтун рече: „Како одговор на асиметричните закани, почнувајќи од тероризмот, НАТО е принуден да дејствува поодлучно, поефикасно и поактивно“.
Наместо тоа, Турција е изложена на „неправедни, незаконски, казнени мерки против нејзиниот легитимен обид да остане безбедна“, рече тој.
„Турција е против какви било чекори во Либија и Источен Медитеран, кои би го ослабнале јужното крило на НАТО“, рече Алтун, и додаде: „Во Сирија и Ирак, ние силно се спротивставуваме на напорите за вооружување и поддршка на терористички субјекти во име на борбата против тероризмот.“
„Турција се соочува со предизвици и закани со кои ниту една земја не може лесно да се справи, така што во овој поглед, сојузите стануваат сè поважни“, рече тој.
„Дозволете ми да нагласам дека постојаниот антитурски став на САД, нашиот таканаречен сојузник, кога станува збор за нашата борба против терористичките субјекти како ПКК/ЈПГ и ФЕТО, е крајно штетен“, рече Алтун.