БАКУ (АА) - Илхам Алиев, претседателот на Азербејџан, на годишнината од 44-дневната војна за ослободувањето на азербејџанските територии окупирани од Ерменија, што започна на 27 јули 2020 година, зборуваше за Агенција Анадолија (АА).
ПРАШАЊЕ: Почитуван Претседателе, ви се заблагодаруваме што го прифативте барањето за интервју од страна на Агенција Анадолија. Ова е важен датум. Денес е првата годишнина од војната што Азербејџан ја започна на 27 септември за ослободување на своите територии што беа окупирани речиси 30 години. Ако се вратиме на тој ден, зошто Азербејџан премина во контранапад?
ОДГОВОР: Провокациите на Ерменија кон нас во последниот период станаа редовни. Нивните изјави кон нас и чекорите што ги направија покажуваа дека Ерменија се подготвува за нова војна. Ниту досега не успеав да ги разберам причините за тоа, бидејќи ако една држава која ја има окупирано територијата на друга држава 30 години сака нова војна, треба многу сериозно да се истражи причината за такво нешто. Пред нас се чекорите што ќе ги потврдат моите зборови, бидејќи во јули Ерменија направи воена провокација на границата меѓу Азербејџан и Ерменија и во таа провокација животот го загубија 13 војници и цивили. Во тоа време, Азербејџан му го даде на непријателот соодветниот одговор што го заслужи, но ние не ја преминавме државната граница. Едноставно, ги истеравме од азербејџанските територии што ги окупираа и заврши конфликтот кој траеше неколку дена.
Потоа во август испратија диверзантска група. Ја преминаа линијата на контакт и таму ги разоружаа нашите војници. Во мојот говор на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) пред една година, реков дека Ерменија се подготвува за нова војна. Три дена подоцна, нашите позиции и населени места повторно беа цел на артилериски оган. Повторно дадовме жртви. Под моја команда, започнавме операција за контранапад од големи размери, и како што знаете, оваа операција резултираше со голема победа.
Кога ќе се осврнете наназад една година, се разбира дека имаме можност појасно да ги анализираме сите овие случувања, сите овие настани.
Може да се забележи дека ерменската администрација, администрацијата што беше дојдена на власт, сакаше да се пофали со каков било воен успех, сакаше да постигне каков било воен успех, но пресметката не успеа, направија многу голема грешка. Како резултат на тоа, тие претрпеа горчлив пораз.
ПРАШАЊЕ: Почитуван Претседателе, не можеше ли да се спречи оваа војна? Имаше контакти со копретседавачите на Групата Минск, која работеше многу долго. Дали можеа копретседателите на Групата Минск или други фактори да ја спречат оваа војна, како требаше да ја спречат?
ОДГОВОР: Се разбира дека можеше да се спречи. Повеќепати ги искажав моите ставови на оваа тема. Доколку Групата Минск извршеше сериозен притисок врз Ерменија во свое време, се разбира, Ерменија ќе мораше да ги напушти окупираните територии. Во таков случај, немаше да има потреба од војна. Иако трите држави кои претседаваа со Групата Минск се три постојани членки на Советот за безбедност на ОН, тие не го извршија тој притисок. Тие се сметаат за најмоќни земји во светот. Зарем немаа политичка тежина и политички средства за да можат да ги испратат тие сериозни пораки до Ерменија? Тие едноставно ја претпочитаа политиката „ниту војна ниту мир“.
Од друга страна, јас постојано се обраќав до копретседавачите на Групата Минск и другите големи држави да воведат санкции кон Ерменија. Тоа ќе можеше да ја спречи војната. Ги искористивме сите средства за мирно решавање на проблемот, да нема војна, да нема крвопролевање. Сепак, покрај сѐ, велев дека нема да ја прифатиме постоечката ситуација, ќе ги спасиме сопствените територии по секоја цена, но му дававме шанса на мирното решение.
Треба да се спомене дека новата администрација што дојде на власт во 2018 година во Ерменија му нанесе голем удар на преговарачкиот процес бидејќи нивните несоодветни и неодговорни изјави го парализираа преговарачкиот процес. Во таквиот случај Групата Минск требаше да преземе позитивни и храбри чекори, но тие само набљудуваа. Тие кон него пристапија само како набљудувачи. Се разбира дека најголемата одговорност за почетокот на Втората војна во Карабах лежи кај Ерменија. Во исто време, одговорност сносат и големите држави кои не ја запреа Ерменија навреме.
ПРАШАЊЕ: Долго време, земјите претседавачи спроведоа стратегија за одржување на статус кво ситуацијата. Во ред, по победата, повторната интервенција на копретседателите на Групата Минск претставува посредничка дипломатија. Има такви барања. Што мислите на оваа тема? Ќе има ли некаква корист од тоа?
ОДГОВОР: Земјите што беа на чело на Групата Минск во периодот на окупација, нивните претседатели повеќепати дадоа многу позитивни изјави, пред речиси 7-8 години. Во една од нив беше јасно наведено дека статус кво ситуацијата е неприфатлива и мора да се промени. Ние тоа многу позитивно го поздравивме. Јас лично повеќепати ги искажав своите ставови на оваа тема и реков дека тоа е долгоочекувана изјава. Промената на статус кво ситуацијата значи ставање крај на окупацијата, но по овие изјави, тие не преминаа на практични чекори. Извесно време по оваа изјава тие се повлекоа и копретседателите дополнително дадоа нова изјава: „Статус кво ситуацијата не е одржлива“. Постои огромна разлика меѓу двете изјави. Имаме „неприфатливо“ и „неодржливо“. Во тоа време, критикувајќи ги, реков дека оваа промена на ставот носи „вода до воденицата“ на инвазиската политика на Ерменија. За жал, периодот што следуваше покажа дека Групата Минск нема намера да го реши ова прашање. И во времето додека траеше војната, во 44-дневната војна, уште еднаш можевме да го видиме тоа, бидејќи тоа прашање на дневен ред во ОН против нас го поставија некои земји копретседавачи со Групата Минск. Војната продолжуваше, во согласност со меѓународното право ги враќавме сопствените територии, бевме во војна за правда, беше сосема нефер во ОН да се постави какво било прашање за санкции кон нас.
Кога станува збор за тековниот период, можеме да кажеме дека ние не ја гледаме активноста на Групата Минск. Доаѓаа за време на преговарачкиот процес, даваа сугестии, ја поставуваа агендата за разговори на претседателско ниво, ни предлагаа теми за кои треба да се преговара, при што и двете страни преговараа за овие прашања врз основа на консензус. Сега пак нема сугестии од нив, иако помина околу една година од крајот на војната. Еднаш кога дојдоа во Азербејџан им реков, вие дајте предлози. Ние го решивме ова прашање. Конфликтот во Нагорно Карабах заврши. Не постои административна единица по име Нагорно Карабах. Деновиве, во мојот говор во Генералното собрание на ОН, обраќајќи им се на сите земји, ги замолив отсега повеќе да не се користи изразот Нагорно Карабах, бидејќи не постои таква единица на територијата на Азербејџан. Постои регион Карабах, постои Источен Зангезур.
Во овој случај, денес треба да се појават нови теми во врска со активностите на Групата Минск. Заврши прашањето во врска со Нагорно Карабах. Сега што може да се направи; мерки за зголемување на довербата, отворање на патиштата и коридорите, поддржување на мировниот процес, регулирање на односите меѓу Ерменија и Азербејџан, работење во насока на потпишување мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан. Отсега, нивниот простор за вршење активности треба да биде ова што го споменав.
ПРАШАЊЕ: Дали велите дека копретседателите на Групата Минск треба да ja прифатат реалноста по 44-дневната војна и да направат нешто за тоа?
ОДГОВОР: По Втората војна во Карабах досега, не ни е дадена каква било понуда од страна на Групата Минск и затоа нема потреба да се разговара за активноста на Групата Минск поради тоа што нема понуда. Помина веќе една година. Што ќе понудиш? Велиш дека треба да се реши овој конфликт. И јас, како Азербејџан, ти велам дека јас го решив тоа; сам, покрај сите притисоци. Затоа, треба да има понуда за тоа со што треба да се занимаваат. Јас ги истакнав моите ставови. Сè друго е нивна одговорност.
ПРАШАЊЕ: По настанатите тензии во регионот, беше потпишана декларација од страна на Азербејџан, Ерменија и Русија. Дали сте задоволни од реализацијата на декларацијата која се состои од 9 члена? Дали е доволно реализирана во изминатата една година? Што недостасува тука?
ОДГОВОР: Општо сум задоволен бидејќи таму се решија поглавните теми. Ерменија презеде обврски преку потпишување на оваа декларација. Овие обврски задолжително ги исполни веднаш по војната. По завршувањето на војната, во период од 20 дена ни беа вратени градовите Агдам, Келџебер и Лачин. Ерменија имаше страв, бидејќи знаеше дека доколку на 10 ноември не ја потпишеше декларацијата, нивната состојба ќе беше уште полоша. Значи немаше некоја сила што ќе нè запреше. За време на војната, неколку пати му се обратив на азербејџанскиот народ, на кој му реков дека ако Ерменија ни даде датум за тоа кога ќе излезе од нашите територии, ние сме подготвени веднаш да ја запреме војната. Овој датум ни беше даден на 9 ноември. Ерменија потпиша капитулација и на 10 ноември запре војната. Затоа, решавањето на таквите важни прашања е поради тоа што Ерменија е под страв. Што се случи потоа? Дојдоа мировните сили. Помина извесно време и застана спроведувањето на останатите прашања. Таму јасно се истакнува дека Вооружените сили на Ерменија треба целосно да ги напуштат нашите територии.
По 15-20 дена по завршувањето на војната, од зоната која беше под одговорност на мировните сили во Ерменија, преку коридорот на Лачин, во ослободените територии беше испратена група за саботажа од 62 лица. Тоа е целосно против декларацијата од 10 ноември. Тие беа неутрализирани и приведени од страна на азербејџанската Војска. Сега за нив велат дека се воени заробеници. Видете ги меѓународните конвенции за тоа кои се нарекуваат воени заробеници. Тие не се воени заробеници. Војната заврши, декларацијата беше потпишана на 10 ноември. А секој војник испратен по тој период, се смета за припадник на групата за саботажа. Тоа прашање не се реши. Тоа е многу важно прашање и инсистираме на негово целосно решавање. Делумно е решен.
Друго прашање е отворање на коридорите. Во декларацијата отворено се вели дека треба да се воспостави врска меѓу азербејџанското тло и Автономната Република Нахчиван. Дали се воспостави таа врска? Не. Не треба толку време за да се воспостави оваа врска. Копнената дистанца тука е 40 километри. Ние по војната изградивме патишта долги над илјада километри. Не е голем проблем да се отвори пат од 40 километри. Ерменија не се согласува со тоа. Преговорите завршуваат без резултат. Ерменија ги прекршува условите од декларацијата од 10 ноември. Ние моментално покажуваме трпелив став. Дејствуваме претпазливо. Но, и нашето трпение има некоја граница. Втората војна во Карабах покажа што се случува доколку ни истече трпението. Затоа, ѝ даваме шанса на ерменската администрација, да ги исполни сите услови од декларацијата од 10 ноември.
ПРАШАЊЕ: Контролата во коридорот на Лачин ја вршат руските војници кои привремено служат во таа зона. Кога до Москва ги пренесувате поплаките во врска со активностите на групата за саботажа, каков одговор добивате, и дали дадените одговори се одразуваат во регионот?
ОДГОВОР: Сигурно дека во вакви ситуации до Русија ги праќаме нашите поплаки. Ги изразуваме нашите праведни поплаки. Но, групата за саботажа влезе во регионот кога руските мировни сили не беа целосно распоредени. Бидејќи, војната заврши на 10 ноември, по што беше потребно извесно време за распоредување на околу 2.000 војници од руските мировни сили. Имаше многу вакуум таму. Треба да бидеме праведни. Тие тогаш целосно не ја контролираа зоната. Ерменците искористувајќи ја оваа можност се инфилтрираа во нашите ослободени територии.
Но, активностите на руските мировни сили можам да ги сметам како позитивни. Сигурно дека постојат некои теми за кои не сме задоволни, имаме поплаки. Прво е во врска со илегалните посети на странците на нашите територии. Ние неколку пати ја актуализиравме оваа тема. Бидејќи Карабах е наше тло и без наша дозвола во тој регион не може да влезе ниту еден странец или возило. Треба да се добие дозвола од нас.
Но можам да истакнам дека целосно 100 отсто сè уште не се реши. Илегалното доаѓање на странците во Карабах е во мала бројка. Со нашите политики и инсистирања, веќе се става крај и на овој процес. Ние сакаме целосно да се почитува нашата сувереност и нашиот територијален интегритет. Високите руски претставници веќе велат дека Карабах е азербејџанска територија.
ПРАШАЊЕ: Дали во близок период постои можност за средба меѓу вас, рускиот претседател Владимир Путин и ерменскиот премиер Никол Пашинјан за да разговарате во врска со постоечките прашања во регионот?
ОДГОВОР: Еднаш одржавме трилатерален состанок на почетокот на годината, во јануари, во Москва. На овој состанок беше разговарано за темите во врска со периодот по војната, бидејќи тогаш беа поминати само 2 месеца по војната. Потоа немаше трилатерални средби на претседателско ниво. Но формирана е работна групна на ниво на вицепремиери. Во оваа група првин беа спроведени работи за отворање на коридорот во Зенгезур. Но, на почетокот на јуни Ерменија го откажа своето учество во групата поради изборите. Во јуни таму имаше избори, и оваа група кон средината на август повторно се состана. Наредниот месец повторно ќе се состанат. Сметам дека ова е важен формат. Иако нема сè уште некој резултат, постои контакт кој во моменталната состојба е важна алатка и на овие средби може да се решаваат бројни прашања.
Ние во Азербејџан започнавме сеопфатни работи за формирање на коридорот во Зенгезур. Се градат копнени и железнички линии кон Зенгилан, се градат аеродроми. Сметам дека работите на нашите територии ќе ги завршиме за две години, бидејќи има голема работа тука. Должината на копнената и железничката линија на ерменското тло е 40 километри, и тоа може да се реализира за 1 до 1,5 година. Ние го чекаме тоа.
ПРАШАЊЕ: Без да помине ниту една година, реализиравте многу големи проекти на териториите ослободени од окупација. На пример, аеродромот во Фузули стана проект во кој авионите полетуваат и слетуваат без да помине една година. Исто така е и копнениот сообраќај. Вие ги поставивте темелите на копнените патишта што се протегаат до ерменската граница. Таа работа е во тек. Реализирате големи проекти во оваа насока. Што можете да ни кажете за овие проекти, како и за иднината на Ерменците што живеат таму?
ОДГОВОР: Во право сте. Ние веднаш направивме чекори по војната, без да губиме време. Тоа ја покажа моќта на нашата држава. За овие работи не е доволно да се поседува само пари. Потребни се и ресурси, кадри, екипи, технички можности. Ние ги мобилизиравме сите процеси. До крајот на годината ќе ги завршиме работите во врска со електричната енергија. Целиот регион ќе се снабдува со електрична енергија. Во тек е и изградбата на патиштата.
Тоа првин го правиме за нашите граѓани за повторно да го изградиме ова место, со цел раселените во најбрзо време да се вратат таму. Кон крајот на годината или почетокот на наредната година ќе биде готов првиот пилот-проект за изградба на село во Зенгилан. Исто и Ерменците што живеат во Карабах го забележуваат тоа. Бидејќи ги гледаат нашите телевизиски канали и ги слушаат нашите радиостаници. Гледаат какви работи се прават тука. Ерменците таму останале без работа и без надеж. А ние позитивно пристапуваме кон тоа. Но тоа треба да се регулира целосно од законски аспект. Ерменците што живеат таму ги сметаме како наши граѓани. Тие живеат на територијата на Азербејџан. Карабах секогаш беше азербејџанска територија. Тоа беше така и во советскиот период, и периодот пред тоа, и во периодот на окупацијата. Нив ги сметаме како азербејџански граѓани. Само тие не го прифатија тоа. Не се ослободија од оваа ерменска пропаганда. Тие мора да ја обезбедат својата иднина и иднината на своите деца. Ние сме подготвени да ги вклучиме во работите. Зошто да не ги вклучиме. Од стратешки аспект, ние кон иднината гледаме од призмата на мирот. Бидејќи јас не сакам уште еднаш да има војна. Ние повторно нема да започнеме војна доколку нема револт од ерменската страна, од страна на одмазднички движења. Ако видиме дека во Ерменија се создава закана против нас, веднаш треба да ја уништиме оваа закана. Тоа е наше легитимно право. Но ако нема ваква закана, ние немаме други ставови во оваа насока.
25.000 Ерменци кои живеат во Карабах, може да се вклучат во работите за изградба и обнова. Исто така, во иднина можеме да им осигуриме можности во местата и селата каде што живеат. Нашите планови во врска со Карабах и Источен Зенгезур се отворени. Одобрен е мастер-планот за градот Агдам. Во блиска иднина ќе бидат одобрени мастер-плановите и на Џебраил и Фузули, како и општо на градовите. Тоа ја покажува нашата моќ и ние можеме да го направиме тоа и во селата во Карабах каде што живеат Ерменците. По победата, десетици пати ги посетив тие места. Ситуацијата што ја видов во некои од селата каде живееја Ерменци, ме остави зачуден. Тоа е нечовечка ситуација. Во некои села се анализираат куќите. 95 отсто од куќите се во неупотреблива состојба. Значи, никој не може да живее таму. Тие треба да се срушат. Тука треба да се земе предвид и психолошката состојба. Но ние покажуваме добра намера и се надевам дека тие ќе разберат оти среќната и просперитетна иднина зависи само од азербејџанската држава.
ПРАШАЊЕ: Што мислите во врска со иднината на односите помеѓу Турција и Азербејџан?
ОДГОВОР: Почитуваниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во изминатите години на различни високи платформи споделуваше опсежни информации во врска со праведната кауза на Азербејџан. За него, ова прашање секогаш беше на прво место меѓу прашањата во врска со надворешната политика. Нè радуваше што по победата ги истакна овие зборови таму (на Генералното собрание на ОН). Тоа уште еднаш покажува дека Реџеп Таип Ердоган секогаш стои покрај Азербејџан.
Во првите часови на војната, тој истакна дека Азербејџан не е сам и дека Турција стои покрај Азербејџан. Тоа ни даде додатна духовна моќ. Знаете колку Турција е блиска со Азербејџан, и колку Азербејџан е близок со Турција. Десетици години постигнавме голем напредок и нашите односи ги унапредивме на највисоко ниво. Претходно истакнав дека во светот не постои пример за соработка, пријателство и братство слично на ова. Истакнав дека постојат многу земји кои имаат иста историја, исти јазици, исто етничко потекло, но дека има проблеми меѓу нив. Има бројни примери во оваа насока и на Средниот Исток, и на постсоветската средина. Градењето вакви добри односи врз основа на силната историска и културолошка основа е наша приватна услуга со Ердоган. Тоа е факт. Втората војна во Карабах го покажа тоа. Турција стоеше покрај нас, и до светот ја упати следната порака: „Не се мешајте, не интервенирајте, Азербејџан е на праведен пат. Доколку се мешате, доколку интервенирате, ќе ја видите Турција“. Тоа навистина беше голема предност.
По Втората војна во Карабах, нашите односи се унапредија уште повеќе. По завршувањето на војната, го поканив почитуваниот претседател во Шуша. Реков дека никој од другите земји нема да оди во Шуша пред да дојде тој. Дури имаше и посетители од Турција кои сакаа да одат таму. Но им реков: „Ви благодарам, но почекајте. Нека дојде мојот брат, нека дојде во Шуша, потоа патот ви е отворен“.
Потпишувањето на Декларацијата од Шуша уште повеќе ги унапреди нашите односи. Со Декларацијата од Шуша, нашите односи кои беа на ниво „де-факто“, ги унапредивме на ниво „де-јуре“, на ниво на сојузништво. Веќе во секоја област имавме сојузнички односи. Ние тоа го официјализиравме. Тоа е патоказ за нашите активности во иднина. Ние ќе одиме по овој пат. Сметам дека односите кои од ден на ден сè повеќе зајакнуваат, зголемениот број заеднички проекти, како и солидарноста и братството меѓу нас се пример за сите наши соседи. Доколку нашите соседи би воспоставиле односи како Турција и Азербејџан, нема да има ниту една војна во светот.
news_share_descriptionsubscription_contact
