Asiye Latife Yılmaz
30 Април 2026•Ажурирај: 30 Април 2026
Турскиот Парламент денес побара од Израел веднаш да ги ослободи приведените активисти и турските државјани, нарекувајќи го пресретнувањето на Глобалната флотила Сумуд пиратство и воено злосторство, јавува Анадолу.
Парламентот, исто така, едногласно усвои предлог-иницијатива на претседателот со кој се осудува вооружената интервенција на Израел против Глобалната флотила Сумуд.
Иницијативата, потпишана од претседателот на Парламентот, Нуман Куртулмуш, беше прочитана во Генералното собрание пред да биде ставена на гласање.
Во текстот се наведува дека Израел уште еднаш „очигледно го прекршил меѓународното право“, додавајќи нов престап врз веќе постојните акти на геноцид и воени злосторства.
Потсетувајќи дека Глобалната флотила Сумуд, како цивилна и мировна иницијатива, била нападната во меѓународни води, во предлот-иницијативата се истакнува дека израелските сили ја попречиле хуманитарната помош и привеле 175 пропалестински активисти, меѓу кои и 20 турски државјани.
„Овој чин на пиратство е јасно воено злосторство. Го предупредуваме Израел, кој ги надмина сите граници на човечката толеранција, и повикуваме на итно ослободување на приведените активисти и на нашите граѓани“, се вели во текстот.
Се додава дека Големото народно собрание на Турција, заедно со сите политички партии и пратеници, е во солидарност со незаконски приведените граѓани и сите членови на хуманитарната иницијатива која настојува да достави помош за народот на Газа.
Предлог-иницијативата, исто така, содржи ветување дека Турција ќе ги предводи и упорно ќе ги следи процесите за одговорност пред меѓународните судови за сите злосторства извршени од израелските окупациски сили врз членовите на флотилата, особено врз турските државјани.
Повторен е повикот до сите парламенти, меѓународни парламентарни собранија и организации да заземат обединет став и да го кренат својот глас за да се стави крај на израелската окупација, геноцид и апартхејд врз палестинскиот народ, да се осигури непречен хуманитарен пристап до Газа и Израел да се повика на одговорност за злосторствата против човештвото.
По читањето на предлог-иницијативата, поддршка дадоа и заменик-претседателите на пратеничките групи на политичките партии застапени во Парламентот.
Предлогот потоа беше едногласно усвоен во Генералното собрание.
- Последните случувања околу флотилата за Газа -
Израелската морнарица ги пресретна бродовите од флотилата доцна синоќа додека тие пловеа кон Газа со цел пробивање на долгогодишната блокада на енклавата.
Групата соопшти дека израелските сили го опколиле конвојот во меѓународни води во близина на грчкиот остров Крит, ги попречиле комуникациите и заплениле 21 брод, додавајќи дека 17 бродови успеале да побегнат и да влезат во грчките води по инцидентот.
Флотилата, која носи хуманитарна помош за Газа, има за цел да ја пробие израелската блокада и да отвори хуманитарен коридор по морски пат.
Овој потег следуваше неколку часа откако израелските медиуми објавија дека Израел се подготвува да ја пресретне флотилата, која вклучува вкупно околу 100 брода со речиси 1.000 активисти од повеќе земји.
Израел наметна блокада на Појасот Газа од 2007 година, оставајќи околу 1,5 милиони Палестинци од вкупно 2,4 милиони без покрив над главата, откако нивните куќи беа уништени за време на војната.