Selen Temizer
24 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Агенцијата на Европската Унија за фундаментални права (FRA) откри дека продолжуваат тешките услови и кршењето на правата во центрите за притвор и во прифатните центри на мигрантите на границите на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организацијата ФРА, со седиште во Виена, која подготвува извештаи од 2015 година, во извештајот кој го опфаќа периодот 1 јуни - 30 јуни, објави дека врз основа на информациите добиени од различни извори, вклучувајќи и невладини организации и медиуми, регистрирани се случаи на потиснување на мигранти со користење на сила во Хрватска, Грчката администрација на Јужен Кипар, Франција, Грција, Унгарија, Малта, Романија, Србија и во Словенија.
Во извештајот се наведува дека децата без придружник или оние кои со нивните семејства бараат азил, притворени се во Бугарија, Хрватска, Грчката администрација на Јужен Кипар, Франција, Грција и Полска.
Во извештајот се пренесуваат проблемите поврзани со сместувањето на мигрантите, кои откако се извлечени од морето, наместо да бидат симнати на пристаништата во Италија, задолжителниот карантински период го минуваат на бродови. Во извештајот се наведува дека на Малта се доцни со операциите за пребарување и спасување на море, и се тврди дека продолжуваат потиснувањата назад кон морето, дека е многу распространета употребата на притвор и дека се применува насилство во центрите за притвор врз мигрантите пред нивната депортација.
Во извештајот во кој се нагласува дека продолжува пренатрупаноста во објектите за реадмисија во кои се сместени мигрантите во Грчката администрација на Јужен Кипар, а приведените лица де факто се лишени од слобода, се посочува дека криумчарењето мигранти продолжува да е тековен проблем во Унгарија.
Потсетувајќи дека повеќе од 400 мигранти без документи со недели штрајкуваат со глад во Белгија, во извештајот се истакнува дека поморските рути од Франција кон Велика Британија почнале да претставуваат опасност, а условите за живот во неофицијалните кампови на северот од земјата се влошени.
- Грција -
Во извештајот што го објави „Амнести интернешнел“ (Amnesty International) на 23 јуни, е потсетено дека туркањето на мигрантите назад во Турција стана актуелна гранична политика на Грција, и се додава дека продолжуваат измачувањата, лошото постапување кон мигрантите и нивното потиснување кон морето.
Во извештајот на Агенцијата на Европската Унија за фундаментални права се наведува дека во практиката е вклучена полициска интервенција по преминувањето на границата, со одземање на мобилните телефони и документи за лична идентификација на мигрантите и чување во неидентификуван објект пред да се започне официјална постапка.