Kübra Chohan
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
МЕЛБУРН (АА) - Австралија ќе исплати компензација во износ од 70 милиони австралиски долари (53 милиони американски долари) на 1.905 баратели на азил, кои беа држени во Центарот за притвор во Папуа Нова Гвинеја, изјавија денес адвокатите, јавува Anadolu Agency (AA).
Рори Волш, адвокат на „Slater & Gordon“ (Слејтер и Гордон), правна фирма којашто ги застапува тужителите, рече дека тие ја прифатиле понудата на Владата пред судењето.
Во предметот се тврди дека барателите на азил кои отслужувале притвор во центарот на островот Манус во текот 2012 - 2016 година претрпеле „сериозни физички и психички повреди“.
„Оваа спогодба е важен чекор кон признавањето на исклучително непријателските услови со коишто беа соочени затворениците на островот Манус“, изјави адвокатот Ендрју Бејкер на прес-конференција во Мелбурн.
Активистот за правата на бегалците, Питер Фараго, за АА изјави: „Ние сме задоволни од спогодбата. Но, тие сѐ уште се држат во Центарот за притвор. Ќе беше подобро доколку им се исплатеше по раселувањето“.
Австралија ги испраќа барателите на азил кои стигнуваат до нејзиниот брег, во центрите за притвор на островот Манус, на Папуа Нова Гвинеја или во Науру, островска земја во Океанија.
За Центрите за притвор се пишуваше по медиумите поради пријавите за силувања, безбедносните пропусти, лошите услови и поради неизвесноста околу иднината на приведените.
Во немирите на Манус во февруари 2014 година загина 23-годишниот Иранец Реза Барати.
Протестите за затворање на центрите со прекини траат во последните три години. Активистите апелираат на притворените да им се даде шанса за започнување нов живот.