Recep Şakar
10 Ноември 2016•Ажурирај: 11 Ноември 2016
МЕЛБУРН (АА) - Парламентот на Австралија усвои нацрт-закон со кој се донесува доживотна забрана за издавање визи на мигрантите кои во Австралија дошле со чамци и моментално се под надзор, јавува Anadolu Agency (AA).
За нацрт-законот во Парламентот гласаа 73 претставници, а 69 беа против. За да дојде до примена на овој нацрт-закон, тој мора да биде усвоен и во Федералниот сенат.
Меѓутоа, поголемиот дел во Сенатот не се состои од преставници на владејачките партии како во Парламентот. Нацрт-законот наиде на остри реакции, како во Австралија така и надвор од неа.
Заштитниците на правата на бегалците овој нацрт-закон го нарекоа „трампизам“.
Претходно, претседателот на опозициската Работничка партија, Бил Шортен, овој нацрт-закон што го подготви владата го окарактеризира како „глупост“.
Нацрт-законот предвидува мигрантите кои се фатени и моментално се под надзор, да добијат доживотна забрана за австралиска виза. Тоа значи дека кога ќе се вратат во своите земји, веќе нема да можат да влезат во Австралија ниту како туристи, ни како стопанственици, ниту пак во случај нивниот брачен партнер да е државјанин или државјанка на Австралија.
Нацрт-законот се однесува на сите мигранти што во Австралија пристигнале илегално, во периодот од 19 јули 2013 година, па наваму.
Оваа одлука директно ќе влијае на 3.000 бегалци и мигранти кои се наоѓаат во Австралија.