Mustafa Keleş
21 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк го повика Израел во име на мирот и стабилноста на Блискиот Исток да го прифати дводржавното решение, кое ги вклучува двете земји, Израел и Палестина, јавува Anadolu Agency (AA).
Исто така, тој упати апел до израелските власти да ја спречат изградбата на еврејските населби во окупираните подрачја.
„Доколку Израелците не сакаат дводржавно решение и мир, тогаш нека ги сносат и последиците поради тоа“, изјави Абас пред присутните.
Тој потсети дека изградбата на израелските населби продолжува, а се осврна и на спорот што оваа година изби околу безбедноста на џамијата Ал Акса.
Абас апелираше до ОН да го завршат, како што рече, апартхејдот што Израел го спроведува врз Палестинците.
Палестинскиот претседател додаде и дека завршувањето на израелската окупација на палестинската територија претставува правна, човекова и морална одговорност на ОН.
Тој предупреди дека Палестинците нема да имаат друг избор освен да ја продолжат борбата доколку не биде постигнато дводржавно решение.
„Нема да имаме друг избор освен да ја продолжиме борбата за полни права на сите жители на Палестина. Ова не е никаква закана, туку предупредување“, изјави Абас.
Тој вчера се состана и со американскиот претседател Доналд Трамп, и во таа пригода изјави дека неговата одлучност би можела да помогне во донесувањето на, како што тој го нарече, договорот на векот за Блискиот Исток.