Emel Öz Gözellik
18 Април 2019•Ажурирај: 19 Април 2019
АНКАРА (АА) - Anadolu Agency (АА) упати повик до Израел, повторно да се разгледа предметот на палестинскиот дописник на АА, Мустафа Харуф, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот директор на АА, Шенол Казанџи, во врска со ова прашање упати писмо до Гилад Ердан, израелскиот министер за јавна безбедност.
Казанџи во писмото побара повторно разгледување на случајот во кој Харуф бил приведен во својот дом на 22 јануари, во Источен Ерусалим, бидејќи „немал дозвола за престој“. Фоторепортерот е изложен на ризик да биде депортиран од Ерусалим и испратен во Јордан.
Казанџи, истакнувајќи дека барањето на Харуф за обединување со семејството е отфрлено, посочи дека фоторепортерот повеќе од 20 години живее во Ерусалим.
„Намерите Харуф да се депортира и испрати во Јордан, ни даваат сомнеж дека Владата на Израел се чувствува непријатно од новинарските активности“, истакна Казанџи.
Тој нагласи дека врз основа на човековите права и слободата на печатот, случајот со Харуф треба повторно да се разгледа, да му се дозволи да се соедини со своето семејство и да му се даде дозвола за престој.
„Длабоко сме загрижени за состојбата на приведениот Харуф, како и поради кршењето на слободата на медиумите од страна на израелските власти“, додаде Казанџи.
Казанџи, исто така соопшти дека од страна на Меѓународната федерација на новинари, случајот е пријавен во канцеларијата за односи на јавноста при Владата на Израел.
Во изјавата на АА се бара од националните и меѓународните медиумски организации да реагираат за кршењето на човековите права и слободата на медиумите и да преземат акција.
Со образложение дека немал „дозвола за престој“, Харуф е приведен од страна на израелскиот суд, во својот дом, во Источен Ерусалим, на 22 јануари. Притворот на фоторепортерот е продолжен до 5 мај 2019 година.
Израел, со образложение дека нема дозвола за престој, сака Харуф да го депортира од Источен Ерусалим, каде што е пораснат и живее со семејството, и присилно да го испрати во Јордан.
Според официјални палестински извори, во израелските затвори се наоѓаат околу 5.700 Палестинци, од кои околу 500 се административни затвореници и 230 се деца.
Израел, со практиката наречена „административно притворање“, во зависност од разузнавачките информации, може да приведува Палестинци и да ги држи во притвор од 1 до 6 месеци.
Ако притвореникот се смета за „опасност по безбедноста на Израел“, воениот судија може да му го продолжи времетраењето на притворот до 5 години.
Националниот совет на Палестина, кој е поврзан со Палестинската ослободителна организација, во 1974 година, 17 април го прогласи за Ден на палестинските затвореници. Палестинците секоја година на 17 април, со организирани активности го актуализираат прашањето за палестинските затвореници во израелските затвори.