Alyssa Mcmurtry
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
ОВИЕДО (АА) - Шпанија нема да учествува на изборот за песна на Евровизија доколку Израел остане дел од натпреварот додека во тек е војната во Газа, соопшти денес јавниот радиодифузер на земјата РТВЕ, јавува Анадолу.
Одлуката беше усвоена од Управниот одбор на Шпанската радио и телевизија (РТВЕ), по предлог на претседателот на телевизијата. Предлогот беше усвоен со 10 гласа „за“, четири „против“ и еден „воздржан“.
Со тоа Шпанија им се придружи на Ирска, Словенија, Исланд и Холандија во повикот Израел да биде исклучен од натпреварот.
Шпанија стана и прва земја од т.н. „Голема петорка“ – групата што дава најголем финансиски придонес во Европската радиодифузна унија (ЕБУ) – што поставила ваков ултиматум.
Во оваа група спаѓаат уште Велика Британија, Франција, Италија и Германија, кои секогаш добиваат директен пласман во финалето.
ЕБУ, која ја организира Евровизија, треба да донесе одлука во декември дали Израел ќе биде исклучен, според РТВЕ.
Доколку Шпанија го спроведе бојкотот, тоа ќе биде првпат во нејзината историја да не учествува на Евровизија.
Уште на почетокот на годинава РТВЕ прати писмо до ЕБУ со барање да се отвори дебата за учеството на Израел.
За време на настапот на Израел на Евровизија 2025, шпанските коментатори и титловите јавно ја критикуваа војната во Газа. На годинашното издание Израел освои второ место и доби најголема поддршка од публиката.
Шпанскиот премиер Педро Санчез во понеделникот побара Израел да биде исклучен од меѓународни спортски натпревари откако масовните пропалестински протести во Мадрид доведоа до откажување на последната етапа и церемонијата на доделување медали на велосипедската трка „Ла Вуелта“.