Yusuf Özcan
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
ПАРИЗ (АА) - ЈУСУФ ОЗЏАН -
Реакции беа предизвикани откако францускиот мислител со еврејско потекло, Ален Финкелкраут, беше изложен на вербална навреда за време на демонстрациите на „Жолтите елеци“ во Франција, а потоа францускиот претседател Емануел Макрон рече дека антиционизмот ќе го смета за еквивалентен со антисемитизмот.
Пјер Абекасис, одговорен за комуникација во Француската еврејска унија за мир (UJFP) и францускиот новинар Доминик Видал, во изјава за Anadolu Agency (AA) говореа околу изложеноста на Финкелкраут на вербална навреда за време на минатонеделните демонстрации на „Жолтите елеци“, како и за изјавите на Макрон, кој пред неколку дена рече дека антиционизмот е една од модерните форми на антисемитизам, и дека ќе ја признае дефиницијата за антисемитизам на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот.
Абекасис реагираше против реториката на Макрон кој рече дека антиционизмот ќе го смета за еквивалентен со антисемитизмот. „Макрон со оваа изјава покажа дека подлегнал на притисоците на еврејските организации во земјата и на произраелските лобија“, нагласи Абекасис.
Абекасис се осврна и на односите меѓу Франција и Израел, истакнувајќи: „Франција сака да биде блиска до ционистичката израелска држава. Макрон сака да покаже дека е во хармонија со Евреите во земјата и со Еврејскиот совет. Со притисоците на Евреите, антиционизмот го сметаше за еквивалентен со антисемитизмот. Затоа, и во надворешната и во внатрешната политика, Макрон сака да ги задоволи Евреите и Израел.“
„Макрон и Владата сакаат да стават крај на движењето „Жолти елеци“, искористувајќи го вербалниот напад на кој беше изложен Ален Финелкраут за време на демонстрациите“, рече тој, но додаде дека не треба да се заборави оти Финкелкраут бил расист во овој случај.
Пјер Абекасис вели дека Владата е вознемирена од демонстрациите на „Жолтите елеци“, и дека прави сѐ што може да се стави крај на тоа, и затоа, според него, Владата го искористила нападот врз Финкелкраут.
Абекасис потсети дека исто така во изминатите години Финкелкраут бил изложен на слични напади, и затоа рече дека не е праведно сите „Жолти елеци“ да бидат обвинувани за антисемитизам. Според него, со цел да се исполнат целите на израелската држава во земјата, оние кои ги бранат муслиманите и Палестинците се прикажуваат како антисемитисти.
„Франција е покрај израелската Влада и применува една политика блиска до неа. Антиционизмот да се смета за еквивалентен со антисемитизмот, значи дека оние кои ќе го критикуваат ционизмот, ќе бидат казнети. Тоа е многу загрижувачко. Единственото нешто што можеме да го направиме за Израел да го почитува меѓународното право, е да го критикуваме ционизмот, но ако и тоа се казнува, ќе биде неправда“, додаде Абекасис.
- „Антиционизмот не треба да се казнува како антисемитизмот“ -
Од друга страна, новинарот Видал нагласи дека според него не е праведна изјавата на Макрон кој рече дека антиционизмот ќе го смета за еквивалентен со антисемитизмот.
„Во Франција не треба да се спречуваат критиките против ционизмот. Антиционизмот не треба да се казнува како антисемитизмот. Искористувајќи го вербалниот напад врз Ален Финкелкраут, Владата сака да го оцрни движењето „Жолти елеци““, рече Видал.
Тој нагласи дека е погрешно движењето „Жолти елеци“ да се дефинира како антисемитско.
Инаку, францускиот мислител Финкелкраут често беше актуелен во оваа земја со неговите изјави кои вклучуваат навреда против муслиманите.