Франција: Европските партнери ќе ги објават новите санкции за Русија со администрацијата на Трамп
- Европските партнери подготвуваат нов пакет „моќни санкции“ за Русија, кои првпат ќе бидат координирани со администрацијата на Доналд Трамп во САД, изјави денес францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро

ИСТАНБУЛ (АА) - Европските партнери подготвуваат нов пакет „моќни санкции“ за Русија, кои првпат ќе бидат координирани со администрацијата на Доналд Трамп во САД, изјави денес францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, јавува Анадолу.
Говорејќи на состанокот на Вајмарскиот триаголник во Варшава, Баро рече дека новите мерки ќе вклучуваат целосно постепено укинување на увозот на руски течен природен гас (LNG) до 1 јануари 2027 година, како и санкции за големите руски нафтени компании „Роснефт“ и „Газпром Нефт“.
Пакетот, исто така, би ги таргетирал таканаречената руска „флота во сенка“, банките, мрежите за заобиколување базирани врз криптовалути и компаниите надвор од Русија што ги поддржуваат воените напори на Москва, особено во нафтениот сектор, рече тој.
„Наместо да ги обесхрабрат Европејците, неодамнешните провокации на (рускиот претседател) Владимир Путин на границите на Европа ја зајакнаа нашата решителност“, рече Баро, нагласувајќи дека санкциите ќе ја погодат и руската цивилна економија, вклучително и ексклузивните економски зони и претпријатијата поврзани со воените напори.
Тој нагласи дека европските сојузници остануваат „подготвени да реагираат“ на руските провокации и вети дека членките на НАТО и ЕУ ќе го бранат „секој квадратен сантиметар“ од нивната територија.
Баро додаде дека потегот со санкции доаѓа заедно со проширената финансиска и воена поддршка за Украина.
„Мора да ѝ дадеме на Украина финансиски средства да издржи“, рече тој, посочувајќи на предлогот на Европската комисија за кој моментно се дискутира меѓу земјите членки на ЕУ.
Тој дополнително ја истакна координацијата со администрацијата на Трамп како „пресвртница“ во западната решителност, велејќи дека трансатлантските партнери првпат ќе воведат санкции во целосно заедничка рамка.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.