Sarp Özer
26 Декември 2020•Ажурирај: 26 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, во придружба на командантите на турските воени сили замина за Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Акар, началникот на Генералштабот, генерал-полковник Јашар Ѓулер, и командантите на Турските вооружени сили заминаа за Либија од аеродромот „Есенбога“ во Анкара.
Акар и турските команданти во Либија ќе остварат средби со претседателот на Врховниот државен совет на Либија, Халид ел Мишри, министерот за одбрана, Селахадин Немруш, и со министерот за внатрешни работи, Фетхи Башага, за подоцна да ја посетат Командата на турските сили што се на должност во Либија, каде што ќе се сретнат со турските војници.
На 27 ноември Анкара и Триполи потпишаа пакт за воена соработка, како и договор за поморските граници во Источниот Медитеран.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година кога беше убиен долгогодишниот лидер на земјата Муамер Гадафи. Водачот на сепаратистичките сили од источна Либија, Калифа Хафтар, во април минатата година започна напади за заземање на Триполи, кои беа спречени од силите на Владата на национално единство на Либија.
Владата на Либија е формирана во 2015 година врз основа на договорот на иницијатива на Обединетите нации, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на силите на Хафтар.