Diyar Güldoğan
31 Мај 2024•Ажурирај: 01 Јуни 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Гир Педерсен, вчера изјави дека ситуацијата во Сирија, која е зафатена со војна, е полоша од кога било претходно, известува Анадолу.
„Не гледаме статус кво, гледаме влошување на ситуацијата. А ситуацијата во Сирија е полоша од кога било претходно“, истакна Педерсен на конференцијата за новинари по обраќањето на Советот за безбедност за ситуацијата на Блискиот Исток и додаде:
„Знаете, имавме 13 години војна и судири и ситуацијата никогаш не била толку лоша како денес, особено кога е во прашање економијата.“
Сирија е во граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар Ел Асад со неочекувана жестина ги прекина продемократските протести.
Педерсен изјави дека врз безбедносната ситуација влијае тоа што се случува во Појасот Газа, предупредувајќи дека постои реална опасност од понатамошна ескалација.
„Девет од десет жители живеат во сиромаштија, а на околу 17 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош. И покрај сето ова, нема апсолутно никаков напредок на политичкиот фронт“, нагласи Педерсен.
Запрашан дали е фрустриран поради тоа што членовите на Советот за безбедност не прават доволно во борбата против војната, Педерсен рече дека постои недостиг на подготвеност на меѓународната заедница да се крене на кредибилен начин за да можат да ги решат овие прашања.
„И ова, се разбира, влијае врз целата работа што ја спроведуваме во Сирија и, како што правилно рековте, во текот на 14 години направивме многу, многу мал напредок, а тоа е исклучително вознемирувачки“, порача Педерсен.
„ОН му се посветени на сирискиот народ“, рече Педерсен на прашањето зошто сѐ уште останува на својата положба и покрај тоа што не е постигнат напредок во Сирија.
„Никогаш не може да се откажеме и треба да се биде упорен. Мора да бидете трпеливи, но мора да бидете сигурни дека стабилно ќе чекорите кон можно решение. Мислам дека тоа е моја должност и моја работа“, истакна Педерсен.