Ata Ufuk Şeker
14 Март 2019•Ажурирај: 16 Март 2019
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот директор на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, изјави дека сите членки започнале да ги зголемуваат буџетските средства за секторот за одбрана, јавува Anadolu Agency (AA)
Столтенберг се обрати на новинарите во Брисел по повод објавувањето на Годишниот извештај за 2018 година и истакна дека НАТО ги продолжува инвестициите кои за цел имаат полесно надминување на безбедносните предизвици во иднина.
Тој изјави дека НАТО минатата година ги зголемил издвојувањата за секторот за одбрана, но и остварил напредок на полето одбрана и превенција.
Истакнувајќи дека се остварени промени и во раководната структура на НАТО, Столтенберг изјави дека е извршена една од најголемите воени вежби во изминатиот период и дека седиштето на организацијата е вселено во новата зграда во Брисел. Тој додаде дека е остварен напредок и во капацитетите на киберодбраната.
Столтенберг, исто така изјави дека НАТО продолжил да дејствува како членка на меѓународната коалиција за борба против терористичката организација ДЕАШ, ја интензивирал соработката со ЕУ и започнал процес на членство на Северна Македонија.
„Распределбата на трошоците во НАТО треба да биде праведна. Сите членки започнаа да ги зголемуваат буџетските издвојувања за одбраната. Европските сојузници и Канада од 2016 година потрошија додатни 41 милијарда долари, а до крајот на годината очекуваме тоа да достигне и 100 милијарди“, изјави Столтенберг.
Тој најави јакнење на капацитетите на НАТО како важен фактор на заедничката безбедност.
Во Годишниот извештај на НАТО се наведува дека по издвојувањето за одбрана седум членки минатата година ја надминале границата од 2 отсто бруто домашен производ (БДП). Станува збор за граница која членките на НАТО ја договориле уште во 2014 година.
Најмногу за одбраната издвоија САД кои во тие намени потрошија 3,39 отсто од БДП. Следува Грција со 2,22 и Велика Британија со 2,15 отсто. Границата од 2 отсто ја надминаа и Естонија, Полска, Летонија и Литванија.
Турција за одбрана минатата година издвои 1,64 отсто од БДП, додека Германија издвои 1,23 отсто, а Италија 1,15 отсто.
Белгија и Шпанија за одбрана издвоија 0,93 отсто од БДП, по што се на дното на листата како членки на НАТО, а од нив за таа цел помалку потроши само Луксембург, 0,54 отсто.