Dmitri Chirciu
26 Април 2019•Ажурирај: 27 Април 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, рече дека САД намерно го зголемуваат ризикот од нуклеарен конфликт, кој може да доведе до катастрофални резултати, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата одржана во Москва, Рјабков, давајќи изјава во врска со повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарни сили од среден дострел (INF), изјави: „Основниот избор на САД во однос на кршењето на Договорот, ги надмина сите други размислувања. Затоа, се гледа дека Договорот ќе престане да важи на 2 август“.
Рјабков, истакнувајќи дека САД сакаат да постават ново нуклеарно оружје во Европа, истакна: „САД намерно го зголемуваат ризикот од нуклеарен конфликт, кој може да доведе до катастрофални резултати“.
Рјабков, исто така, додаде дека неговата земја нема да го направи истото сè додека САД не постават проектили од среден дострел во Европа.
- Повлекување на САД и Русија од INF
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, на 1 февруари објави дека неговата земја се повлекува од Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел (INF), потпишан со Русија во 1987 година, кој забранува да се поставуваат нуклеарни глави во проектилите со дострел од 500 до 5.500 километри.
Рускиот претседател, Владимир Путин, ги обвини САД за кршење на Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел (INF) и истакна: „И нашиот одговор ќе биде симетричен. САД најавија дека го супендираат Договорот, и ние го суспендираме“.
Договорот потпишан помеѓу американскиот претседател Роналд Реган и лидерот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов, во 1987 година, предвидува забрана на нуклеарните проектили од среден дострел, од 500 до 5.500 километри.