Tarek Chouiref
30 Март 2026•Ажурирај: 01 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Меѓународниот аеродром „Мехрабад“ во Техеран, како и погонот за производство на петрохемикалии во северозападниот град Табриз беа погодени рано утринава во воздушните напади извршени од САД и Израел, објавија иранските медиуми, пренесува Анадолу.
Иранската државна телевизија соопшти дека биле погодени повеќе локации во главниот град.
Според овој извор, била нападната и филијала на Националната банка на Иран, како и фабрика за картон во јужниот дел на Техеран.
Новинската агенција „Мехр“ објави дека е погодена и станбена област во северниот дел на градот, при што има повеќе повредени лица.
Агенцијата „Фарс“ јави дека во напад бил погоден и погон за производство на петрохемикалии во Табриз.
Директорот за управување со кризи во покраината Источен Азербејџан, Маџид Фарши, изјави дека на терен се спроведуваат операции за пребарување и спасување.
Тој додаде дека ситуацијата е под контрола и дека по нападот нема истекување на опасни или токсични материи.
САД и Израел вршат воздушни напади врз Иран од 28 февруари, при што досега се убиени над 1.340 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.