Nazlı Yüzbaşıoğlu
14 Мај 2021•Ажурирај: 15 Мај 2021
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека растот на бројот на настраданите, штетата врз училиштата и нападот врз репортерите на Агенција Анадолија (АА) ја покажуваат целата несразмерност на нападите кои Израел ги изведува врз Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Постојаниот раст на бројот на убиените цивили во израелските воздушни напади врз Газа, штетата причинета со тие напади врз училиштата под покровителството на УНРВА (UNRWA), како и ранувањето на камерманот и фоторепортерот на АА додека работеа на терен, се јасен показател на несразмерноста и неселективноста на нападите кои Израел ги изведува“, се наведува во соопштението на Министерството.
Во соопштението исто така се наведува дека Турција изразува загриженост поради примените информации дека Израел започнал тенковски и топовски напади на Газа.
„Ја повикуваме меѓународната заедница итно да ги запре тие напади кои ќе предизвикаат зголемување на бројот на цивилните жртви“, се наведува во соопштението.
Со оддавањето почит на сите убиени Палестинци, Министерството за надворешни работи упати порака за брзо закрепнување на сите ранети во израелските напади, вклучувајќи ги и репортерите на АА.
Министерството исто така порачува дека Турција и понатаму силно ќе ја поддржува борбата на палестинскиот народ.
И шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун, го осуди израелскиот напад врз репортерската екипа на АА во Газа.
„Повторно вработените во Агенција Анадолија ранети се во нападот на Израел кој продолжува да ги тероризира луѓето не правејќи разлика помеѓу жени, деца, млади и стари“, наведе Алтун во пораката која доцна синоќа ја објави на Твитер.
Алтун упати порака за брзо закрепнување на камерманот Мухамед ал Алуди и фоторепортерот Мустафа Хасона кои се згрижени во болница откако вчера се ранети во израелските напади.
Неодамна во текот на известувањето за израелската агресија над Палестинците се ранети и уредникот на АА, Тургут Алп Бојраз, фоторепортерот Мустафа ал Каруф и камерманот Фајез Абу Румаил.