Beril Çanakcı
30 Септември 2025•Ажурирај: 01 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – ОпенАИ вчера воведе родителска контрола за ЧетЏПТ, овозможувајќи им на родителите повеќе алатки за управување со тоа како нивните деца-тинејџери го користат чет-ботот со вештачка интелигенција, јавува Анадолу.
Од оваа недела новите контроли, достапни за сите корисници на ЧетЏПТ, им дозволуваат на родителите да го поврзат својот профил со профилот на нивното дете и да приспособат соодветни поставки според возраста.
Тие ќе можат да одредат „тивки часови“, да ја исклучат гласовната функција, да го блокираат создавањето слики и да ја оневозможат меморијата.
Со автоматското поврзување профилите на децата ќе добијат дополнителни заштити, како намалено изложување на графички содржини, опасни „вирални предизвици“, сексуални или насилни игри и екстремни стандарди за убавина.
Претходно овој месец Федералната комисија за трговија на САД (FTC) отвори истрага за повеќе компании во областа на социјалните мрежи и вештачката интелигенција поради можни ризици за децата и тинејџерите што користат чет-ботови како виртуелни придружници.
Меѓу компаниите од кои се побарани информации се Алфабет, МетаПлатформс, Снеп, Карактер Технолоџис, ОпенАИ и ексАИ.
„Воведуваме родителски контроли и нова страница со ресурси за родители за да им помогнеме на семејствата да управуваат со тоа како ЧетЏПТ функционира во нивните домови“, соопшти ОпенАИ.
Компанијата додаде дека соработувала со експерти, застапнички групи, како Комон Сенс Медиа, а и со државни обвинители од Калифорнија и Делавер за креирање на оваа стратегија.
Компанијата, исто така, најави нов систем за нотификации што ќе ги известува родителите доколку ЧетЏПТ препознае можни знаци дека тинејџер размислува за самоповредување.
Обучен тим ќе ги проценува означените ситуации, а во случаи на акутна вознемиреност, родителите ќе бидат известени преку е-порака, текстуална порака и пуш-нотификација.
„Овие родителски контроли се добар почеток за родителите во управувањето со користењето на ЧетЏПТ од страна на нивните деца“, изјави Роби Торни, виш директор за програми со вештачка интелигенција во Комон Сенс Медиа.
„Најдобро функционираат кога се комбинирани со постојани разговори за одговорна употреба на вештачката интелигенција, јасни правила на семејствата за технологијата и активно вклучување во тоа што прави онлајн нивното дете.“
Од ОпенАИ нагласија дека измените се дел од поширок напор за развој на систем за предвидување возраст, кој автоматски ќе применува соодветни поставки за тинејџери.
Дотогаш родителските контроли ќе останат главен начин за приспособување на заштитните мерки.