Michael Gabriel Hernandez
02 Септември 2024•Ажурирај: 03 Септември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Таткото на Американецот држен во заложништво од палестинската група Хамас во опколениот Појас Газа вчера остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека тој повеќе е загрижен за задржување на власта отколку посредувањето во договорот за ослободување на заложниците, пренесува Анадолу.
„Мислам дека огромно мнозинство Израелци сега почнаа да веруваат според неговите дела, а не зборови, дека првенствено е воден од желбата да се задржи на власт со тесна, многу радикална месијанска коалиција во израелската Влада“, рече Џонатан Декел-Чен, татко на Сагуи Декел-Чен, за време на интервјуто за телевизиското шоу „Соочи се со нацијата“ на ЦБС њуз.
Како што рече, Нетанјаху продолжува со „фантазијата за целосна победа над Хамас, но неговата идеја за целосна победа е месијанска идеја на неговите коалициски партнери, а не реална“.
Сагуи Декел-Чен (35) беше заробен на 7 октомври минатата година.
Претходно во неделата израелската армија соопшти дека пронашла тела на шест лица што биле киднапирани на 7 октомври.
Армијата ги идентификуваше починатите како Кармел Гет, Еден Јерушалми, Херш Голдберг-Полин, Александар Лобанов, Алмог Саруси и Ори Данино.
Голдберг-Полин, роден во Беркли, Калифорнија, беше еден од Американците приведени во Газа.
Форумот на заложници и семејства на исчезнатите директно го критикуваше Нетанјаху, сметајќи го за одговорен за смртните случаи.
Со месеци Соединетите Американски Држави (САД), Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас за да обезбедат размена на затвореници и прекин на огнот и да се дозволи хуманитарната помош да влезе во Појасот Газа. Но напорите за посредување се запрени поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот.