„Неприфатлив е притисокот за преземање на Гренланд“, изјави премиерот Нилсен по назначувањето на американски претставник
- Американците знаат дека ние ги поддржуваме за зголемување безбедноста, но од тоа да се премине кон притисок за преземање земја што е населена и има сопствен суверенитет – тоа не е прифатливо, изјави премиерот на Гренланд Нилсен
ИСТАНБУЛ (АА) – Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, денес изјави дека секој обид за притисок со цел преземање „суверена земја“ е „неприфатлив“ по одлуката на САД да назначат специјален претставник за оваа автономна територија, јавува Анадолу.
„Американците знаат дека ние ги поддржуваме; знаат дека не постои пречка Соединетите Американски Држави да ја зголемат безбедноста на Арктикот на гренландска територија, доколку го посакуваат тоа. Но од тоа да се премине кон притисок за преземање земја што е населена и има сопствен суверенитет – тоа не е прифатливо“, изјави Нилсен за дневниот весник „Сермицијак“.
Тој потсети дека американскиот амбасадор во Данска, Кен Хауери, за време на неодамнешната посета изразил разбирање од страна на Вашингтон дека Гренланд не сака да стане дел од САД. Сепак, според Нилсен, САД јавно зборуваат „со два гласа“ кога станува збор за Гренланд.
„Она што го доживуваме сега е токму спротивното од дијалогот со амбасадорот бидејќи фактот дека (американскиот претседател Доналд) Трамп воопшто не нѐ информираше за назначувањето ниту за намерите зад тоа, претставува еднонасочна комуникација. За разговор се потребни најмалку двајца, а тоа не се случи“, нагласи Нилсен.
Премиерот додаде дека сојузниците мора да можат да си веруваат меѓусебно и изрази надеж дека таква доверба ќе постои и во актуелната ситуација со САД.
„Во ниеден момент не бевме контактирани од САД во врска со плановите за овој специјален претставник, па исто како и сите други, не знам која е неговата улога. Но од медиумите дознавам дека тој треба да му помогне на Трамп во напорите да ја преземе нашата земја“, рече Нилсен.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопшти дека гувернерот на сојузната држава Луизијана, Џеф Ландри, ќе биде специјален претставник на Вашингтон за Гренланд.
Трамп на својата платформа „Трут Соушал“ напиша дека Ландри разбира „колку е суштински важен Гренланд“ за националната безбедност на САД и дека ќе ги промовира интересите на земјата, со цел да се осигури безбедноста на сојузниците и поширокиот свет.
Гренланд, кој е автономна територија под дански суверенитет, одамна го буди интересот на САД поради стратегиската позиција и богатите минерални ресурси.
Претходно Трамп го опиша поседувањето на Гренланд како „апсолутна неопходност“ за економската безбедност на САД, споредувајќи го со „голема зделка со недвижности“.
И Данска и Гренланд повеќепати ги отфрлија сите предлози за продажба на територијата, потврдувајќи го данскиот суверенитет над островот.
