Şenhan Bolelli
04 Септември 2025•Ажурирај: 08 Септември 2025
МАДРИД (АА) – Бројот на жртви во вчерашната несреќа на трамвај-жичарницата во Лисабон, главниот град на Португалија, се зголеми на 17, известува Анадолу.
Директорката на општинските служби за цивилна заштита во Лисабон, Маргарида Кастро Мартинс, за медиумите изјави дека ова утро починале двете лица што вчера биле однесени во болница со тешки телесни повреди од несреќата што се случи на туристичката трамвај-жичарница во центарот на Лисабон.
Мартинс соопшти дека бројот на жртви се зголемил на 17.
Соопштувајќи дека 19 лица се повредени, од кои седум се во потешка состојба, Мартинс додаде дека повредените се лекуваат во пет болници. Таа информираше дека повредените се на возраст од 24 до 65 години, од кои 12 се жени, а седум се мажи.
Идентитетите на починатите сè уште не се објавени.
Властите изјавија дека несреќата била предизвикана од лабав кабел и дека вагонот што излетал од шините во кривината удрил во ѕидот и се превртил.
Трамвај-жичарницата последен пат била сервисирана во 2024 година.
Несреќата на туристичката трамвај-жичарница, официјално позната како „Лифт Глорија“, која се наоѓа во центарот на Лисабон, се случи вчера во 18:08 часот по локално време (19:08 часот по средноевропско време).
Португалската Влада прогласи еден ден национална жалост, а општината Лисабон прогласи три дена жалост поради несреќата.
Голем број земји, меѓу кои и Турција, изразија сочувство до Португалија.
„Лифт Глорија“, едно од историските обележја на Лисабон, е отворена во 1885 година. Туристичката трамвај-жичарница се состои од два вагона, секој со 22 седишта и 20 места за стоење, а патот од 275 метри го минува за две минути. Моментно се користи за туристички цели.
Во Лисабон, кој минатата година беше домаќин на 8,5 милиони туристи, секоја година приближно 3 милиони луѓе ги користат ваквите жичарници што се прифатени како историска вредност.