Bayram Altuğ
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Заменикот висок комесар за човекови права на Обединетите нации (OHCHR), Кејт Гилмор, истакна дека најголемата хуманитарна криза во светот се случува во Јемен. Таа додаде дека е утврдено оти од 2014 година досега, животот го загубиле над пет илјади цивили во земјата, а околу 9.000 се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Гилмор во својот говор на 36. Заседание на Советот за човекови права во Канцеларијата на ОН во Женева, во кој се обрати до земјите-членки, нагласи дека хуманитарната состојба во Јемен постепено се влошува во последните три години, а судирите, како што рече таа, имаат деструктивно влијание врз населението.
„Најголемата хуманитарна криза во светот се случува во Јемен“, вели Гилмор, истакнувајќи дека 18,8 милиони лица од вкупното население (27,4 милиони) имаат потреба од хуманитарна помош.
Таа соопшти дека 10,3 милиони лица имаат потреба од многу итна помош, а 7,3 милиони лица се на прагот на гладување.
Гилмор пренесе дека е утврдено и документирано оти од 2014 година досега, животот го загубиле над пет илјади цивили во земјата, а околу 9.000 се повредени.
Нагласувајќи дека претпоставуваат оти бројот на жртвите е многу поголем од горенаведената бројка, Гилмор посочи дека над 3 милиони лица биле принудени да ги напуштат нивните домови.
Таа вели дека катастрофата во Јемен е предизвикана од страна на човекот, и додаде дека населението од ден на ден е сѐ посиромашно, а хуманитарната состојба секој ден сѐ повеќе се влошува.
Во извештајот објавен од страна на Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека од 27 април досега, во земјата се регистрирани 704.544 сомнителни случаи на заболени од колера, а поради оваа епидемија, животот го загубиле 2.103 лица.