Ecenur Çolak
11 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
ФИРЕНЦА (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во своето обраќање на конференцијата под наслов „Членките на Заедницата: Солидарност во Европа“, одржана во италијанскиот град Фиренца, изјави дека популизмот и национализмот како и економската криза доведуваат до зголемување на јазот помеѓу земјите членки на Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Тој предупреди дека Европа во последно време ја погаѓаат различни кризи, напоменувајќи дека солидарноста полека се губи, што, како што рече, најдобро се покажало преку бегалската криза.
„Многу ме збунуваат пукнатините кои ги предизвика бегалската криза по прашањето на нашата солидарност“, рече Јункер.
Тој додаде и дека членките на ЕУ самите треба да ги применуваат европските вредности, наместо некој на тоа да ги присилува.
Истакна дека на регионот на Западен Балкан, како што рече, „итно му е потребна европската перспектива“, предупредувајќи дека би можеле да се повторат проблемите и трагедиите кои се случија во минатото.
Тој нагласи дека Брисел треба да има посилен став по прашањето на заедничката надворешна политика на ЕУ, напоменувајќи дека Европа сепак треба да посвети многу поголемо внимание на заштитата на своите надворешни граници.
На крајот, порача дека спасот за европскиот проект е поголема солидарност меѓу земјите-членки на ЕУ.
Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, истакна дека земјите-членки на ЕУ треба да дејствуваат заедно со цел да пружат безбедност за сите граѓани во рамките на Унијата.
„Земјите од југот на Европа не можат да го решат сами проблемот со мигрантите. Солидарноста е клучот“, рече Тајани.