Ekipa
10 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Иран го нарече планот на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел за формирање безбедносна алијанса со арапските држави како „провокативен“, велејќи дека тоа ќе ги разгори регионалните тензии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Насер Канаани, реагирајќи на најавите за предложениот план, рече дека Иран го гледа како „закана за националната и регионалната безбедност“.
Тој истакна дека влезот на странци во регионот „нема да доведе до безбедност и стабилност“, туку дека за возврат ќе „предизвика поголеми тензии и раздор“.
Изјавите дојдоа по јавувањата дека САД и Израел размислуваат за создавање заеднички одбранбен пакт со арапските држави што ќе ги поврзе системите за воздушна одбрана со цел да се спротивстават на иранските беспилотни и ракетни напади во регионот, објави Ројтерс во петокот, цитирајќи неименувани извори.
Планот, се нагласува, ќе вклучи израелска технологија и најверојатно ќе биде предложен за време на претстојната посета на американскиот претседател Џо Бајден на регионот, вклучувајќи го и Израел.
Во веста, сепак, се додава дека разговорите сè уште се „во рана фаза“ и дека неколку арапски земји „кои одбиваат да соработуваат со Израел“ се спротивставиле на планот.
Канаани рече дека Иран „секогаш го нагласувал дијалогот, учеството и регионалната соработка“ за осигурување на „безбедноста и заедничките интереси“ на регионалните земји, без странско присуство.
Тој рече дека американско-израелскиот план „ќе ја ослабне регионалната безбедност“ и ќе ги „осигури интересите“ на главниот непријател на Иран, Израел.
Тој додаде дека концентрацијата на оружје не може да донесе безбедност во регионот и дека воспоставувањето „заедничка регионална безбедност“ зависи од „соработката на земјите од регионот“.
Тоа доаѓа во време на растечки тензии меѓу Иран и САД, и покрај индиректните разговори меѓу нив, со посредство на Европската Унија, за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, што неодамна продолжија во Доха.
Во средата, американското Министерство за финансии објави нови санкции против Иран, насочени кон „меѓународна мрежа на поединци и ентитети“ за кои соопшти дека ја олеснуваат продажбата на ирански нафтени производи во Источна Азија.
Тензиите меѓу Иран и Израел, исто така, се засилија откако Иранската исламска револуционерна гарда изврши ракетен напад врз, како што тврди, израелска база во ирачкиот регион Ербил во мај, што дојде како одговор на израелскиот напад во Сирија во кој загинаа двајца припадници на иранската гарда.
Во последните месеци, имаше многу целни убиства во Иран, што беа поврзани со Израел и укажуваат на растечка војна во сенка меѓу двајцата противници.