„Израелско-американската шема за дистрибуција на храна во Газа е масакр под маската на хуманитарна помош“
- Меѓународната организација „Лекари без граници“ денеска објави дека израелско-американската шема за дистрибуција на храна во Газа претставува „масакр под маската на хуманитарна помош“ и мора веднаш да биде укината

ЖЕНЕВА (АА) - Израелско-американската шема за дистрибуција на храна во Газа претставува масакр под маската на хуманитарна помош и мора веднаш да биде укината, соопшти денеска меѓународната организација „Лекари без граници“, осудувајќи го едномесечниот механизам како намерно деградирачка операција што ги тера цивилите да го ризикуваат животот за да дојдат до храна, јавува Анадолу.
„Повеќе од 500 лица се убиени и речиси 4.000 повредени додека се обидувале да дојдат до храна - оваа шема е масакр маскиран како хуманитарна помош и мора веднаш да се укине“, се вели во соопштението на „Лекари без граници“.
Организацијата ја обвини таканаречената Фондација за хуманитарна помош во Газа (GHF), која ја координира оваа дистрибуција, така што ја претвори помошта во смртоносна замка.
Начинот на кој се доставува храната ги принудува илјадници Палестинци кои се гладни, поради израелската блокада којашто трае над 100 дена, да пешачат на долги растојанија и да се борат за неколку залчиња храна, предупредува МСФ.
Аитор Забалгогеазкоа, координатор за итни случаи на МСФ во Газа, го опиша системот како стапица.
„Четирите дистрибутивни локации се наоѓаат во зони под целосна контрола на израелската војска, откако претходно населението беше принудно отселено оттаму. Секоја зона е со големина на фудбалско игралиште, опкружена со земјени насипи, бодликава жица и набљудувачки точки.“
„Постои само еден влез – преку ограда. Работниците на ГХФ ја оставаат храната и ја отвораат оградата, а потоа илјадници очајни луѓе влегуваат одеднаш и се борат до последното зрно ориз“, објасни тој.
„Доколку луѓето стигнат порано и се приближат до контролниот пункт, се пука кон нив. Ако дојдат навреме, но се обидат да ги прескокнат насипите и жиците поради пренатрупаност – се пука. Ако дојдат доцна, се смета дека не треба да бидат присутни во евакуирана зона и се застрелани.“
„Лекари без граници“ ги повикаа израелските власти и сојузниците да ја „укинат опсадата на храна, гориво, медицински и хуманитарни резерви“ и да го обноват хуманитарниот систем координиран од ОН што постоеше пред војната.