Израелскиот Кабинет за безбедност ја одобри окупацијата на градот Газа
- Сите цивили од градот Газа насилно ќе се иселат до 7 октомври и ќе се пренасочат кон бегалските кампови во централните и околните подрачја. Потоа ќе започне копнена офанзива против Хамас во градот, а градот ќе биде целосно опколен, објави „Аксиос“

ИСТАНБУЛ (АА) - Израелскиот Кабинет за безбедност одобри нов план за окупација на градот Газа, кој се наоѓа на северниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Во соопштението од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се наведува дека Кабинетот за безбедност го одобрил предлогот на премиерот за окупација на градот Газа.
Според локални извори, израелската армија се подготвува да ја окупира целата област на градот Газа.
Според американската информативна веб-страница „Аксиос“, израелски функционер изјавил дека планираната офанзива на армијата ќе го опфати само градот Газа и нема да се прошири на бегалските кампови или други подрачја.
Во веста се наведува дека цел е сите цивили од градот Газа насилно да се иселат до 7 октомври и да се пренасочат кон бегалските кампови во централните и околните подрачја. Потоа ќе биде започната копнена офанзива против преостанатите членови на Хамас во градот, а градот ќе биде целосно опколен.
- Претпочитан е терминот „контрола“, а не „окупација“
Според водечкиот израелски весник „Једиот Ахаронот“, зборот „окупација“ бил намерно избегнат на состанокот на Кабинетот за безбедност поради законски одговорности. Наместо тоа, бил избран терминот „контрола“.
Висок израелски функционер, кој зборувал за „Једиот Ахаронот“, рекол: „Наша намера е да ја окупираме Газа, но во официјалните документи и изјави го користиме терминот ‘контрола’ од законски причини.“
Според весникот, овој избор е направен за да се избегне директна одговорност кон цивилите на окупираните територии според меѓународното право.
Израелскиот Кабинет за безбедност синоќа одржа состанок на кој се разговарало за окупација на целиот Појас Газа.
Во интервјуто за „Фокс њуз“ пред состанокот на Кабинетот, Нетанјаху рекол: „Тие имаат цел да преземат контрола врз цела Газа.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.