Şerife Çetin
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) – „Дали можеме да кажеме дека ЕУ понекогаш е дволична? Да, можеме да кажеме, не сме совршени“, истакна Павел Телицка, заменик-претседателот на Европскиот парламент (ЕП), коментирајќи го молкот на Европската Унија (ЕУ) во однос на егзекуцијата на деветтемина млади луѓе во Египет, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на 7. Светски конгрес против смртната казна, кој се одржува во зградата на ЕП во Брисел, белгискиот министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс, потпретседателот на ЕП, Телицка, и некои луѓе ослободени од смртна казна одржаа прес-конференција.
Одговарајќи на прашањата на новинарот на АА „Како го оценувате самитот на високо ниво на ЕУ одржан во Шарм ел Шеик минатата недела по егзекуцијата на 9 млади луѓе во Египет, молкот и избегнувањето да се даде официјална изјава во врска со егзекуциите?“ и „Дали ова ќе дојде на дневен ред во конгресот?“, Рејндерс рече дека се во контакт со властите во Египет.
Тој истакна дека со своите египетски колеги не разговараат само за смртните казни, туку и за условите во затворите, додавајќи дека контактираат и со невладините организации.
„Ние во билатералните разговори со египетските власти ја ставаме смртната казна на дневен ред и реагираме. Одблиску ги следиме и условите во затворите и егзекуцијата на затворениците“, рече Рејндерс, додавајќи дека прават обиди и Обединетите нации (ОН) да се вклучат на темата.
- „ЕУ понекогаш може да биде дволична“
Павел Телицка, заменик-претседателот на Европскиот парламент (ЕП), истакна дека разговарал со еден министер за да го посети Египет, и таму да ја испита ситуацијата на затворениците во затворите и кршењето на човековите права во земјата, но не добил позитивен одговор.
„Дали можеме да кажеме дека ЕУ понекогаш е дволична? Да, можеме да кажеме, не сме совршени“, истакна Павел Телицка, додавајќи дека и покрај тоа во однос на смртната казна и човековите права ЕУ е во добра состојба.
„Ние не сме светски полицајци. Не сме обврзани да ги казниме одговорните. Истовремено тука се и Обединетите нации. Во потесна соработка со ОН може да ги зајакнеме нашите иницијативи“, додаде Телицка.
- Светски конгрес против смртната казна
На Светскиот конгрес против против смртната казна, кој за прв пат се одржа во 1991 година во Стразбур, учествуваат активисти за човекови права од различни земји, политичари, претставници на меѓународни организации и претставници на граѓанското општество.
Конгресот работи на универзално укинување на смртната казна.