Mustafa Deveci
09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
ЕРУСАЛИМ
Србија нема да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, доколку Израел постигне договор за нормализирање на односите со Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјален претставник за кого се вели дека е близок со српскиот претседател Александар Вучиќ и чиешто име не е соопштено, во изјавата за „Ерусалим пост“ (Jerusalem Post) се осврна на изјавите дека Израел ќе го признае Косово.
Српскиот претставник, истакнувајќи дека признавањето на Косово од страна на Израел може да ги наруши односите меѓу Белград и Тел Авив, нагласи: „Ако Израел го признае Косово како независна држава, Србија нема да ја премести својата амбасада во Ерусалим. Исто така, овој чекор може да ги наруши и односите меѓу Израел и Србија и никогаш нема да биде како што беше. Тоа е толку едноставно.“
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Косово ќе ги нормализира своите односи со Израел и дека Србија ќе ја премести својата амбасада во Ерусалим.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, нагласи дека Косово, кое одлучи да ги нормализира односите со Израел, својата амбасада ќе ја отвори во Ерусалим.