Şerife Çetin
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
БРИСЕЛ (АА) – Комисијата на Европската Унија (ЕУ) соопшти дека преговорите за одвојување на Велика Британија од ЕУ (Брегзит) се тешки и сè уште не е постигнат договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, на денешната прес-конференција истакна дека делегациите преговараат за Брегзит.
Шинас, истакнувајќи дека вчерашниот состанок меѓу главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, министерот за Брегзит на Велика Британија, Стефан Беркли, и министерот за правда, Џефри Кокс, поминал во позитивна атмосфера, рече: „Разговорите се фокусираа на тоа на двете страни да им се дадат законски гаранции во однос на мерките за претпазливост.“
„ЕУ потврди дека ако веќе мора да ги користи мерките за претпазливост, тоа ќе се применува само за кратко време“, истакна Шинас, и додаде: „Преговорите се тешки и сè уште не е постигнат договор.“
- Критично гласање на 12 март
Британскиот Парламент со големо мнозинство на гласањето одржано на 15 јануари го отфрли договорот за Брегзит постигнат меѓу Тереза Мај и ЕУ. „Мерката за претпазливост“, која Парламентот побара да се промени, е формулирана за да нема физичка граница меѓу Северна Ирска, која е дел од Велика Британија, и Република Ирска, која е членка на ЕУ.
Мај се обидува да воспостави механизам за тоа Велика Британија да може еднострано да стави крај на функционалноста на членот или пак, да има временско ограничување, но ЕУ не гледа позитивно на тоа.
Мерката за претпазливост овозможува сè додека Велика Британија не потпише сеопфатен трговски договор со ЕУ да остане во Царинската унија. Мерката, исто така, предвидува и Северна Ирска дополнително да биде предмет на различни правила на ЕУ.
Договорот за Брегзит ревидиран од страна на Тереза Мај, повторно ќе се разгледува во Парламентот на 12 март. Во случај на одбивање на договорот, на 13 март пред пратениците ќе биде понудена опцијата „напуштање без договор“. Ако и тоа се одбие, на 14 март ќе биде понудена опцијата „одлагање на Брегзит“.
На референдумот одржан на 23 јуни 2016 година, 52 отсто од граѓаните гласаа за Брегзит, додека 48 отсто се изјаснија против напуштање на ЕУ.