Ekipa
08 Март 2025•Ажурирај: 10 Март 2025
ШКОТСКА (АА) - Активистите од групата Палестинска акција напишаа „Газа не е на продажба“ на поранешниот терен за голф „Тарнбери“ на американскиот претседател Доналд Трамп во Шкотска, како дел од протестот, јавува Анадолу.
Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе ја преземат Газа, повика да се пресели нејзиното население со цел да се развие во туристичка дестинација, во „Ривиера на Блискиот Исток“. Неговиот план беше отфрлен од арапскиот свет и многу други земји, кои рекоа дека тоа претставува етничко чистење.
Газа е разрушена во бруталната израелска воена офанзива која започна на 7 октомври 2023 година, а во енклавата не може да влезе ни хуманитарната помош поради израелските ограничувања.
Над 48.400 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 111.800 се повредени во бруталната израелска војна од октомври 2023 година. Офанзивата, која ја остави енклавата во урнатини, беше прекината со договорот за прекин на огнот во Газа што стапи на сила на 19 јануари.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.