Lina Altawell
18 Март 2026•Ажурирај: 19 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Во израелски воздушен напад повредени се 11 припадници на цивилната одбрана во близина на регионалниот центар Набатија во Јужен Либан, објави денес Националната новинска агенција ННА, пренесува Анадолу.
Генералниот директорат за цивилна одбрана на земјата соопшти дека 11 припадници на цивилната одбрана од регионалниот центар Набатија се здобиле со различен степен на повреди по израелскиот воздушен напад насочен кон зграда на околу 20 метри од центарот, објави ННА.
Според соопштението, нападот предизвикал и „значителна штета“ на центарот и неговите возила.
Цивилната одбрана соопшти дека нејзините тимови остануваат во целосна готовност и ќе продолжат да ги извршуваат своите должности и покрај зголемените ризици и предизвици.
Израел започна ограничена копнена инвазија во Јужен Либан на 3 март, откако на 28 февруари започна заедничка воена кампања со САД против Иран.