Admir Fazlagic
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска се обрати на 12. Економски форум за млади во Нови Сач, во Република Полска и порача дека лидер е оној што предводи, што создава тимови и нуди решенија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов тој учествувал на Економскиот форум за млади во Нови Сач. каде говореше како специјален гостин.
„Во зависност од тоа колку ве следат, толку е вашата моќ да бидете лидери. Има многу луѓе, кои имале многу идеи, но немале следбеници. Тие што создаваат проекти и визии и кои ги следат, тие се предводници, тоа се лидери", порача претседателот Иванов.
Тој рече дека младите не треба да бараат изговор оти нивното време допрва доаѓа, туку дека времето на младите е сега, и тие треба да го искористат максимално.
„Сето ваше знаење и искуство што го имате треба да биде применето, бидејќи вашата генерација, со животот на преминот од еден во друг милениум, создаде кај вас поединци кои се многу поинвентивни и покреативни од сите претходни генерации", рече македонскиот претседател во обраќањето пред младите лидери.
Во овој период на доминација на стравот друга идеја која може да ги мобилизира луѓето е идејата за надежта, рече Иванов, додавајќи дека надежта доаѓа од оние кои ја гледаат иднината од аспект на сегашноста. Така што вие не сте генерација на иднината, вие сте генерација на сегашноста, порача Иванов, при што истакна:
„Напредок во технолошките иновации, растечката демографија, незапирливите миграции, рапидната урбанизација, климатските промени, посочи претседателот Иванов се дел од големите промени предизвиците со кои ќе се соочуваат младите, а најголемиот предизвик за тн. милениумците е преносот на идеите и вредностите од минатото."
Претседателот Иванов, вчера во Крињица-Здруј, учествуваше и се обрати на 27. Економски форум, и оствари билатерална средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, информираа од неговиот кабинет.