Umar Farooq
25 Април 2019•Ажурирај: 26 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е соучесник во тековната кампања на бомбардирања во Јемен предводена од Саудиска Арабија, истакнува во својот напис американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post), пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп неодамна стави вето на Резолуција, која имаше за цел да стави крај на поддршката на САД за војната предводена од Саудиска Арабија, тврдејќи дека ќе го ослаби неговиот статус како врховен командант и дека поддршката на Вашингтон за Саудиска Арабија не значи ангажирање во непријателски дејствија.
„Всушност, воените операции на Саудиска Арабија (во Јемен) би биле неодржливи без таа поддршка од САД или без продолжувањето со продажбата на бомби и други материјали“, се вели во написот на „Вашингтон пост“.
„Тоа ја прави администрацијата на Трамп соучесник во континуирани злосторства, како што се најновите бомбашки напади врз училиштата и болниците“, се вели во написот.
Според весникот, од 26 март, коалицијата предводена од Саудиска Арабија бомбардираше болница во областа Китаф и училиште во главниот град Сана.
Во нападите загинаа најмалку 21 цивил, од кои најмалку 12 од нив се деца.
Саудиска Арабија ја предводи коалицијата против јеменските Хуси од 2015 година, кога Ријад и неговите сунитско-арапски сојузници започнаа масовна воздушна кампања, со цел враќање на освоените подрачја од страна на Хусите.
Кампањата ја уништи инфраструктурата на Јемен, вклучувајќи ги и здравствените и санитарните системи, при што ОН состојбата во Јемен ја опишаа како една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време.
Минатата година, во истрагата на ОН се истакна дека овие напади може да се сметаат како воени злосторства.
Уредничкиот одбор на „Вашингтон пост“ истакна дека Конгресот треба да бара други начини за поттикнување промени во политиката на САД кон Владата предводена од престолонаследникот Мухамед бин Селман, „чија невообичаена непромисленост во надворешната политика се совпаѓа со невидена репресија внатре во државата“.
Се вели дека идеалниот пристап би бил да се решат двете прашања, кои се испреплетени, и ова е стратегијата на двопартискиот нацрт-закон во Сенатот. Покрај суспендирањето на трансферот на оружје во Кралството до завршувањето на кампањата во Јемен, овој нацрт-закон се залага и за пронаоѓање на одговорните за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
„Игнорирањето на наодите на американските разузнавачки агенции дека престолонаследникот е одговорен за убиството на Кашоги, ќе биде покана за натамошни злосторства“, пишува весникот.
„Вашингтон пост“ истакнува дека иако нацрт-законот има добри шанси да се изгласа, републиканското раководство, вклучувајќи го и претседателот на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Џејмс Риш, сé уште не го има ставено на гласање.