Selen Temizer
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
АНКАРА (АА) - „Амнести интернешенл“ („Amnesty International“ AI) предупреди дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, потпомогнат од Русија, ги бомбардира болниците, пекарниците, училиштата и населените подрачја во Идлиб, и истакнато е дека станува збор за воени злосторства, јавува Anadolu Agency (AA).
„Амнести интернешенл“ објави извештај под назив „Владините сили во незаконски напади ги земаат за цел цивилите и здравствените установи“. Истакнато е дека режимските сили во текот на март ги засилиле воздушните напади на населените подрачја долж Автопатот M-5, кој ги спојува Алепо и Дамаск.
Наведено е дека илјадници сириски жители поради нападите биле принудени да побегнат на подрачјата во близина на границата со Турција.
„Зад нас се осум години војна, Владата на Сирија продолжува со непочитување на принципите на војување и безбедност на цивилите. Воените освојувања се остварени врз основа на десетици илјади цивилни жртви и уништување на цели градови“, изјави директорката на „Амнести интернешенл“ за Блискиот Исток, Лин Малуф.
Таа додаде дека нападите кои се продолжуваат на подрачјето на Идлиб, по методите се слични на оние што можеле да се видат претходно во областите на Алепо, Дера и Дамаск. Сириските власти бомбардираат болници, здравствени центри, пекарници и училишта кои го принудуваат населението да ги напушти своите домови.
Во извештајот е истакнато дека режимот на Асад на 26 март во 8:30 часот извршил напад на селото Шеик Идриз, кое се наоѓа во рамките на градот Идлиб. Според информациите од локалните извори, во нападот загина едно 10-годишно момче, додека две деца се тешко повредени.
Наведено е исто така дека на 9 март е извршен напад на силите на Асад на местото Серакиб, исто така во Идлиб, а бомбардирана е болница, банка за крв, единици на итна помош и центар на цивилна заштита. Сите згради се наоѓаат во круг од 100 метри.
Објавени се исто така и разговори со цивилите од местото Хан Шејкун, а еден од жителите изјави:
„Пекарницата „Равда“ тука беше централна пекарница. На 20 февруари во 11:30 часот беше цел на воздушен напад. Пред пекарницата загинаа две лица, јас ги подигнав нивните тела од улица.“
Директорката Малуф предупредува дека тука станува збор за воени злосторства.
„Цивилните цели, вклучувајќи ги и нападите на болниците, односно нападите во кои свесно се убиваат или рануваат цивилите, претставуваат воени злосторства“, изјави Maлуф.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR), во извештајот подготвен специјално за АА, изјави дека режимот на Асад и неговите групи за поддршка, од 17 септември 2018 година, кога беше потпишано примирјето во зоната без судири во Идлиб, споменатиот договор го прекршиле 5.042 пати.
Во воздушните и копнените напади на режимот на Асад од почетокот на годината загинаа најмалку 175, а повредени се 480 цивили.