Beyza Binnur Dönmez
17 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
АНКАРА (АА) - Американската компанија за електронска трговија „Амазон“ денес објави дека отвора 100.000 нови работни позиции за да ги исполни зголемените потреби на потрошувачите во услови на епидемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Отвораме 100.000 нови работни позиции со полно и скратено работно време во САД во нашите магацини и мрежи за испорака за да ги исполниме зголемените потреби на луѓето, кои се потпираат на услугите на „Амазон“ во овој стресен период“, изјави вишиот потпретседател за операциите низ светот, Дејв Кларк.
Нагласувајќи ја важноста од испорачувањето на значајните набавки директно на потрошувачите поради тоа што пандемијата Ковид-19 продолжува и заедниците практикуваат социјално дистанцирање, Кларк изјави дека постои значителен пораст во побарувачката.
„Ние исто така знаеме колку многу луѓе се погодени од економската криза бидејќи нивните работни места во секторите на гостопримство, ресторани и патувања се изгубени како последица на епидемијата“, додаде тој, велејќи: „Сакаме тие луѓе да знаат дека се добредојдени во нашите тимови, додека работите не се вратат во нормала.“
Тој, исто така, објави дека покрај отворањето 100.000 нови работни позиции, „Амазон“ ќе инвестира над 350 милиони долари низ САД, Европа и Канада за да ги зголеми платите по час на своите вработени.
„Во САД ќе додадеме 2 долари по час до април од нашата моментална стапка од 15 долари по час или повеќе, во зависност од регионот, 2 фунти по час во Велика Британија и приближно 2 евра по час во многу европски земји“, изјави Кларк.
Тој додаде дека „Амазон“ смета дека здравјето и безбедноста се главен приоритет и ги презема сите мерки на претпазливост препорачани од експертите за заштита на своите работници од вирусот.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но потоа се прошири во над 150 земји и територии.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е речиси 7.000, а има над 182.000 потврдени случаи.